На неодамна одржаниот самитот „Отворен Балкан“ во Тирана, беа потпишани неколку договори поврзани со земјоделците, а еден од нив е и отворањето на границите. Трајан Димковски, заменикот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, смета дека со отворањето на границите, нема да има опасност од наплив на албанскиот и од српскиот зеленчук на домашниот, ниту на извозниот пазар.
-Отворен Балкан не значи ослободување или тргање на некои царини кои ги немаме. Ние, трите држави, како потписнички на ЦЕФТА, немаме посебни забрани, така што, еве конкретно за зеленчукот од Албанија, тој и сега е присутен. Во тој сегмент намерата на Отворен Балкан е за побрз транспорт на роба, да нема застој на границите, олеснето движење на добрата на капиталот на луѓето. Тоа е предност за сите, дали ќе извезуваат нашите земјоделски производи во Албанија, дали во Србија, од друга страна и ние добиваме предност и секогаш треба да гледаме на овие работи позитивно. Не е толкава опасност дека ќе го имаме повеќе од тоа што го имало, а со ваквите договори што се потпишаа во Тирана се зајакнува и квалитетот со проверката на лабораториските анализи. Нашите институции од сите држави мора изедначено да ги развиваме, таму каде што сме ние послаби да се подобриме, таму каде што се другите земји послаби да се подобрат. Со тоа што се прават едни унифицирани стандарди и искрено не би требало да очекуваме што би се случувало со зеленчукот од Албанија, бидејќи е веќе присутен, немаме некои посебни давачки и ограничувања. Следејќи го трендот, кај нас поопасен е доматот од Турција што доаѓа. Затоа преку многу програми овозможуваме домашните производители да инвестираат, кога зборуваме за нови форми или видови на пластеници, нови форми на семиња, на контрола на препарати за заштта. Не треба да бидеме во тој аспект загрижени дека овој процес ќе наштети, особено на домашниот пазар. Ние како потписнички на ЦЕФТА сме се обврзале и тој договор е веќе повеќе години активен – изјави Димковски.
