Мирон Тасевски е еден од 50-те добитници на грант до 10.000 евра, за мерката „Млад земјоделец“. Средствата се обезбедени од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, мерка 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“ и претставуваат иницијална поддршка од државата за младите земјоделци да можат полесно да започнат сопствен бизнис, да создадат нови брендови на пазарот, да инвестираат во нови дејности преку кои ќе ги реализираат своите идеи.
Мирон пред една година дипломирал на Земјоделскиот факултет во Скопје на насока Винарство. Три години прави и продава вино во неговата мала домашна винарија во скопската населба Ченто.

За мерката „Млад земјоделец“ Мирон дознал преку социјалните мрежи и решил да аплицира со цел да добие помош за проширување на винаријата.
„Аплицирав сам, единствено побарав помош околу составувањето на бизнис-планот од страна на консултант, а условите воопшто не беа тешки“, ни открива младиот енолог.
Го прашавме Мирон како се решил да почне да се занимава со производство на вино.
„Сакав да научам нешто необично, нешто ново. Сакам вино и сакам да готвам, па така се одлучив да учам за вино најпрво на факултет, па на пракса и потоа на работа во винарии. Имав прилика две години да работам во две различни винарии каде што стекнав одлични искуства и научив многу за виното. Моментално произведувам црвени вина од повеќе сорти – Вранец, Cabernet sauvignon, Хамбург. Исто така произведувам пастеризиран сок од грозје (шира) и маџун.“

Грозјето Мирон го купува од разни места од Македонија – Кавадарци, Скопскиот регион и од Сопот, а околу технологијата на производство на вино се консултирав со професори од факултетот, колеги од работа и пријатели од други винарии низ Македонија.
Со оглед на тоа што е во рана фаза на производство, задоволен е од цената и пласманот на своите производи.
„Сѐ уште сум во рана фаза на производство и цените засега се движат од 150 до 350 денари за литар вино. “
Финансиите што ги доби од мерката „Млад земјоделец“ Мирон планира да ги искористи за опремување и модернизација на својата винарска визба и на тој начин да го зголеми обемот на производството.
„Со финансиските средства што ги добив со овој грант ќе обезбедам опрема за ладење на ширата при ферментација, филтер и поголеми иноксни цистерни, со што ќе можам да правам квалитетно бело вино и да го зголемам обемот на производство.“
