Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, ги потпишаа шесте од вкупно 50 договори за финансиска поддршка за мерката „Млад земјоделец“ за 2021 година.
„Вложувањето во земјоделството секогаш вреди, бидејќи производството на храна е една од најблагородните професии. Да произведеш храна, за себе и за другите е предизвик. Треба да знаеш како, да сакаш и да можеш!
А младите и знаат и можат и сакаат. Тие се нашата енергија која не движи напред, постојано, со ентузијазам и верба да ги поттикнуваме, да ги охрабруваме и да им помагаме да ги реализираат своите идеи и амбиции. А навистина, сѐ е полесно кога државата стои позади тебе.

На последниот повик за мерката 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“, пристигнаа 111 апликации. Од нив 50 апликанти ги исполнија условите и со нив ќе бидат потпишани договори за добивање финансиска поддршка во форма на неповратен грант, со вредност до 10.000 евра по корисник.
Овие средства се обезбедени од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и претставуваат иницијална поддршка од државата за младите земјоделци да можат полесно да започнат сопствен бизнис, да создадат нови брендови на пазарот, да инвестираат во нови дејности преку кои ќе ги реализираат своите идеи.
Сите одобрени грантови, се врз основа на добри деловни планови кои имаат развојна компонента, го таргетираат домашниот пазар, користат сопствени ресурси и имаат компонента за модерно производство, со примена на добри земјоделски практики и грижа за животната средина.

Радува податокот што на последниот повик, подеднакво бил голем интересот и кај жените и кај мажите кои се на возраст до 40 години. При тоа, побарувањата за грант се од сите земјоделски гранки: млекарство, сточарство, пчеларство, овоштарство, винарство, производство на сточна храна како и набавка на земјоделска механизација.
Мојата порака за сите вас е да продолжите да ни верувате, продолжете да имате верба во својата држава и институциите. А ние ќе продолжиме и понатаму да креираме мерки со кои ќе ве поттикнуваме овде, дома, да ја градите својата иднина. На сите ви посакувам храбро и мотивирано да ги инвестирате парите.
Новата година нека донесе нови успеси и уште многу нови можности, а најмногу од се посакувам да добијам повратни информации дека вредноста на грантот сте ја мултиплицирале. Тогаш, успехот на мерката за поддршка на млади земјоделци, ќе знам дека е целосен.“, рече при потпишувањето на договорите заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димовски.

„Чест и задоволство ми е што денеска ги потпишуваме шесте од вкупно 50 договори кои ги исполнија условите за добивање на средства преку мерката Млад земјоделец. Овие луѓе добиваат неповратни 10 илјади евра за реализација на предложените инвестиции. Сите 50 одобрени апликации побаруваат околу 28 милиони денари за реализација на идеите за сопствен бизнис.
Средствата се неповратен грант, а со овие пари апликантите ќе набават: тресачки за вишни, трактори, механизација за земјоделство, берачи на лешници, опрема за млекарство, винарство и пчеларство, инвестиции во сточарството и производство на сточна храна а има и инвестиции кои се наменети за постбербени активности.
Како млад човек искрено се радувам што многумина од вас препознаа шанса како со неповратни 10 илјади евра да си создадат свој бизнис и да креираат фирми кои ќе произведуваат производи со поголема додадена вредност. Исклучително сум горд што од 50 апликации дури 22 се одобрени на жени носители на земјоделското стопанство а 28 се од мажи. Тоа се млади кои се регистрирани како индивидуални земјоделци регистрирани согласно законот за вршење на земјоделска дејност и Законот за пензиско и инвалидско осигурување што пак значи дека земјоделската дејност им е главен извор за остварување на приходи.

Средствата за реализација на овие проекти се обезбедени преку Програмата за рурален развој. Овие 50 млади апликанти ќе реализираат инвестиции во сите региони на Република Северна Македонија што значи дека во повеќе делови од државава ќе се отворат нови бизниси и нови работни места. Инвестирањето во вистинските, младите земјоделци е стратешки пристап на Владата и надлежните институции, со цел да се развива и модернизира секторот земјоделство. Само со вложување во младите до 40 години може да влијаеме на одливот на млади и на миграцијата село – град. Преку финансиската поддршка која ја доделуваме со мерките 112 и 113 наменети за Млади земјоделци ги поттикнавме младите да се вклучат во производство на земјоделски производи, а веќе влијаат и врз намалување на увозот на храна, зголемена конкурентност и квалитет.
Агенцијата и во наредниот период ќе продолжи да спроведува мерки и програми кои нудат поволни услови за развој на домашниот агро сектор и отворање на нови работни места.

Преку Програмите што ги реализира Агенцијата, обезбедуваме нови можности за успех на сите млади кои се занимаваат со земјоделство, со помош на мерките кои ги спроведуваме, помагаме рамномерно – регионално да се развиваат сите населени места.
Почитувани млади, почитувани земјоделци, Ваше е да продолжите да создавате успешни бизниси, квалитетни земјоделски производи и нивни преработки а ние ќе продолжиме да создаваме поволни услови за раст и развој на домашниот агро – сектор. Силно верувам дека можеме заедно да го подмладиме и зајакнеме секторот земјоделство. Ви посакувам богат род, квалитетни производи и и уште многу успешни проекти“, рече Никица Бачовски, директорот на АФПРЗЗ.
