Со измените на царинскиот тарифник кои беа усвоени на овонеделната седница на Влада, после долго време се донесе одлука целосно да се укинат, или да се намалат на нивото на царинските стапки во ЕУ, стапките за 258 царински тарифни ознаки. Тоа значи дека нашата преработувачка индустрија ќе има дополнителна конкурентска предност пред се на европскиот но и на другите светски пазари.
По основ на овие 258 царински тарифни ознаки државата во 2020 година има наплатено околу 810 милиони денари (13 милиони евра) царински давачки, што само по себе кажува дека со овие промени во царинскиот тарифник ние како Влада, без да имаме било каква обврска кон ЕУ или било кој друг меѓународен договор, преземаме мерки со кои ќе го олесниме работењето на компаниите од преработувачката индустрија, и ќе дадеме дополнителен стимул за уште поголеми инвестиции во овој сегмент кои ќе значат нови вработувања и подобар живот за многу наши сограѓани.
Јас честопати велам дека за да го постигнеме целосниот економски потенцијал, нашата нова развојна економија бара реструктурирање на домашната економија и поттикнување на производството и преработувачата дејност како сектори кои креираат поголема додадена вредност.
Овие промени истовремено даваат дополнителна потврда за сите компании, независно дали се странски или домашни, дека оваа влада прави системски промени кои ја гарантираат предвидливоста на економската политика на државата, и даваат јасен сигнал дека ние како Влада сме искрен партнер на бизнисот на неговиот пат кон идните успеси. Секако, оваа постапка ќе продолжи се до целосно усогласување со царинскиот тарифник на ЕУ.
Гледано од фискален аспект, ние како држава „се откажуваме“ од наплатата на оние 810 милиони денари за од друга страна да поттикнеме поголем увоз на 258 разни типови суровини и репроматеријали како и отворање на нови фабрики и погони, кои ќе значат зголемување на бројот на работниците, а со тоа ќе имаме поголема наплата на сите останати даноци и придонеси.
![]()
![]()
Се зголемува прагот за оданочување на физички и правни лица од 2 на 3 милиони денари.
Уште една значајна мерка која ја донесе Владата е зголемувањето на прагот за ДДВ обврзници од сегашните 2 на 3 милиони денари, што е уште еден доказ дека оваа власт го слуша гласот на бизнисот и граѓаните, и ова долгогодишно барање го претвораме во реалност, со што сите правни и физички лица кои имаат годишен приход до 3 милиони денари ќе бидат ослободени од поднесување ДДВ пријави и плаќање на данок на додадена вредност.
Со овој потег Владата ќе го растовари административниот товар на една поголема група од околу 4.000 правни и физички лица даночни обврзници кои до сега имаа обврска да поднесуваат ДДВ пријави, а од друга страна ќе го намали и товарот на даночната администрација.
Ве уверувам дека на среден рок, за 5-7 години, ова во државата ќе носи голем бенефит кои ќе се почувствува преку животниот стандард и економскиот развој.
Фејсбук статус на Фатмир Битиќи – Заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции
