Со Одлука на Владата на Република Северна Македонија на 127 седница, дел од Малешево станува заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел.
Површината на идното заштитено подрачје – Заштитен предел Малешево, изнесува 11.460,89 хектари, во рамките на кое се предложени и дефинирани три зони во заштитено подрачје Малешево, воспоставени заради вршење на дејноста за заштита и унапредување на природата.

Долгогодишните истражувања на природните вредности во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), примената на швајцарското искуство во вакви процеси, како и примената на партиципативен пристап со различни релевантни чинители придонесоа кон успешноста на овој процес.

Присуството на бројни меѓународно и национално значајни видови и живеалишта, културното наследство како и вековната интеракција помеѓу човекот и природата резултирале со појава на значајна пределска разновидност, што го прави МАЛЕШЕВО особено вредно за зачувување. Согласно Одлуката на Владата, ЈП „НАЦИОНАЛНИ ШУМИ“ интегрирано ќе управува со заштитеното подрачје Малешево.

Процесот за прогласување на Малешево за заштитено подрачје се водеше во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем од Скопје. Локалната експертиза во процесот е на Македонското Еколошко Друштво – МЕД, ЈП Национални шуми, преку Секторот за одгледување, подигање, екологија и лов, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Берово и Пехчево.




