На 9 декември 2021 година, Европската комисија објави извештај за земјоделските предвидувања на Европската Унија за периодот од 2021 до 2031 година.
Во него е обарботен пазарот на месо и млечни производи, кој ќе биде под влијание на одржливоста, социјалните и здравствените грижи во следната деценија, како во однос на видовите на производство, така и во однос на моделите на потрошувачка.
Ќе расте ли органското производство на млеко?
Во овој период, производството на млеко во ЕУ ќе обезбеди одржливи решенија за сточарите, климата и општеството. Фармерите ќе имаат корист од имплементацијата на стратегии за одржливо хранење и подобро управување со стадата, ќе ги зголемат површините со пасишта што ќе придонесе за зачувување на биолошката разновидност и здравјето на почвата.
Се предвидува растот да забави до 0,5 отсто годишно, достигнувајќи околу 162 милиони тони до 2031 година, додека еколошкото ќе расте. Овој вид млеко во 2019 година претставува 3,5 отсто од вкупното производство, а во 2031 година би можело да достигне 8 отсто.

Покрај намалениот раст, се очекува ЕУ да остане најголем снабдувач во трговијата со млечни производи. Растот од двата најголеми конкуренти на ЕУ се предвидува да биде умерен, со Нов Зеланд од 0,2 отсто и САД од 1 отсто, додека ова производство најмногу ќе порасне во земјите во развој.
Свежите млечни производи на ЕУ би можеле да имаат корист од растечкиот извоз, кој се очекува да достигне 1,8 милиони тони во 2031 година. Потрошувачката на ЕУ ќе опаѓа побавно, на -0,2 отсто во споредба со -0,5 отсто во 2021 година, благодарение на зголемениот интерес за диференцирани производи (на пр. еко). Како резултат на тоа, ситуацијата во ЕУ може да остане стабилна, со релативно висок просек од 38,5 милиони тони.
Ќе опадне ли потрошувачката на месо?
Одржливоста, со своите еколошки, економски и социјални цели, ќе игра сè поважна улога на пазарите на месо во ЕУ, и за производителите и за потрошувачите. Модернизацијата, иновативните технологии и промените во земјоделските практики ќе доведат до поефикасно и еколошко производство. Инвестирањето и понатаму ќе биде предизвик за овој сектор. Исто така, потрошувачите сѐ повеќе се загрижени за животната средина и климатските промени, што ќе доведе до тоа потрошувачите да посветат дополнително внимание на процесот на производство и потеклото на производите, а ќе има и промени во навиките на оние кои ќе бараат поздрави производи.
Потрошувачката на месо во ЕУ по глава на жител се предвидува да падне од 69,8 килограми во 2018 година на 67 килограми до 2031 година.

Стадата на крави ќе се намалат за 7 проценти (помалку од 2,1 милиони грла), што ќе доведе до пад на бруто производството на говедско месо за 0,6 милиони тони (-8%). Во однос на потрошувачката на ЕУ, ќе продолжи надолниот тренд меѓу 2021 и 2031 година, од 10,6 на 9,7 килограми по глава на жител.
Кога станува збор за свинското месо, ситуацијата останува неизвесна, особено поради проблемите поврзани со африканската свинска чума. Промените во навиките на потрошувачите по поглед на здравјето, животната средина и социјалната грижа треба негативно да влијаат на потрошувачката на овој вид производи во ЕУ, која се предвидува да се намалува за 0,5 отсто годишно, од 32,5 кг во 2021 година на 31 кг по глава на жител во 2031 година.
Кај живината, растот на потрошувачката би можел да забави, со 2 отсто годишно во 2011-2021 година на 0,6 проценти во 2021-2031 година. Овој вид месо би можел да се смета за поздрав во споредба со другите видови, како поради поголемата практичност при подготовката, така и поради немањето религиозни ограничувања во неговото консумирање. Производството во ЕУ се очекува да продолжи да расте за 0,4 отсто годишно, достигнувајќи 14 милиони тони во 2031 година.
За овците тоа ќе биде благ пораст од 0,3 отсто годишно во период од десет години, а во 2031 година би можел да достигне 660.000 тони, а со тоа и потрошувачката по глава на жител, која за десет години би можела да изнесува 1,4 килограми.
Производството на протеински култури ќе расте
Производството на житни култури се очекува да се намали поради помалата побарувачка за добиточна храна, додека она за протеинските култури значително ќе порасне, благодарение на нивните еколошки придобивки.
Вкупната искористена земјоделска површина (UAA) благо ќе падне во овој период, на 160,5 милиони хектари во 2031 година, а шумските површини се предвидува да продолжат да се зголемуваат и да ги надминат земјоделските површини во 2031 година, достигнувајќи 161,4 милиони хектари, благодарение на улогата што ја играат во климатските предизвици.
Падот од 2,8 отсто на површините со житни култури во ЕУ во споредба со 2021 година, во комбинација со намалените приноси, ќе доведе до помало производство. Се очекува да се намали на 276 милиони тони во 2031 година (-2,5% во споредба со 2021 година). Истовремено, потрошувачката ќе се намали за 2,7 отсто, на 254,8 милиони тони, поттикната од намалената употреба на добиточна храна. Во однос на трговијата, се очекува ЕУ да остане конкурентна, но ќе се соочи со силна конкуренција што ќе доведе до намалување на пазарниот удел.
Овошје и зеленчук
Земјоделските перспективи на ЕУ 2021-31 предвидуваат дека климатските промени ќе бидат предизвик за маслиновото масло и виното, додека побарувачката за овошје и зеленчук се прилагодува на здравствените проблеми на населението. Производството на маслиново масло би можело да достигне 2,5 милиони тони до 2031 година, што е зголемување од 22 отсто во споредба со 2020 година. Важноста на извозот ќе расте со зголемување на продуктивноста, од 35 во 2020 година на 44 проценти во 2031 година. Во однос на потрошувачката, растот се очекува да биде поттикнат од земјите непроизводители, со 21 процент од потрошувачката во 2020 година и 32 проценти во 2031 година.
Производството на вино ќе опаѓа за 0,3 отсто годишно, што ќе резултира со 148 милиони хектолитри во 2031 година. Се предвидува потрошувачката да достигне 22 литри по жител во 2031 година, што е намалување за 0,4 литри во споредба со 2020 година.

До 2031 година се очекува производството на свеж домат да се намали за 0,4 отсто годишно и да достигне 6,3 милиони тони. Овој пад главно е предизвикан од остриот пад на зимското одгледување во Шпанија и преминувањето кон помалите домати, кои имаат поголема додадена вредност. Потрошувачката на свеж домат по глава на жител во ЕУ се очекува да остане стабилна, на 15 кг 2031 година.
Што се однесува до јаболката, состојбата би требало да остане стабилна до 2031 година, а производството ќе изнесува 11,1 милиони тони. Ова е резултат на намалените обработливи површини компензирани со зголемени приноси благодарение на употребата на нови сорти и подобреното агрономско управување. Потрошувачката на свежи јаболка по глава на жител се очекува да се зголеми на 15 кг (зголемување од 0,6% годишно).
Советот на ЕУ ја усвои Заедничката земјоделска политика
Во изјава на овогодинешната Конференција за прогнозирање на земјоделството на ЕУ, Јануш Војчеховски, комесар за земјоделство на Европската комисија, потсети на усвоената Заедничка земјоделска политика, која според него ќе постави нови еколошки стандарди.
„Ова ќе го направи земјоделството поодржливо и ќе им помогне на нашите земјоделци да ги надминат предизвиците што претстојат. Комисијата е задоволна од постигнатиот политички компромис, особено поради тоа што нашиот земјоделско-прехранбен систем работи и функционира како одговор на кризата за време на пандемијата на Ковид“, заклучи тој.
Извор: agroklub.com
