И покрај сушната есен, Антонио Ангеловиќ успешно ја заврши сеидба на пченицата и јачменот и житните посеви веќе ја разеленија околината на Лозово.
Агротим ја следи новата сезона во производство на овој млад земјоделец од самиот почеток на подготовка на почвата, сеидбата и сега кога успешно поникнаа пченицата и јачменот. Важна улога во вкупното производство секако имаат временските прилики и извршувањето на сите агротехнички мерки, но сакаме да видиме и што значи поддршката која ја дава државата во вид на редовни субвенции и мерки како „зелена нафта“ и „млад земјоделец“.

-Па да проблемот со сушата беше многу голем, ама и покрај тоа со современа механизација успеавме да посееме 400 хектари со житарица од кои основно семе пченица 50 хектари и јачмен основно 105 хектари. Се одлучив годинава да посеам и семенска пченица за да имам квалитетно производство, а и за другите колеги земјоделци да имаат добро семе и повисок принос. Оставив и 50 хектари за сончоглед за проектот договорно производство со фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес – вели Ангеловиќ.
Според него, посевите моментално се во одлична кондиција и доколку послужат временските прилики, очекува добар род.

-Тие се во фаза пред братење ама најбитно во моментот е да се пратат посевите под ,,будно око” затоа што има влага, а и температурите се во поголем плус и може да се појави „забрус“ кај житото. Исто така основното семе кое го посеавме е во одлична кондиција од кое планираме да извадиме одличен квалитет со што ке им овозможиме на сите наши колеги земјоделци догодина да имаат квалитетно сертифицирано семе на јачмен и пченица. Со самото квалитетно сертифицирано семе ќе дојдат и до поголеми приноси и ќе бидат порентабилни. – вели Антонио и додава дека субвенциите ги земал навреме, а особено му помогнала картичката за „зелена нафта“.


-Субвенциите ги земавме навреме но мислам дека за поголема мотивација на нас земјоделците со големи површини е намалувањето на скалестото субвенционирање. Исто така земавме и картичка за зелена нафта наредно што чекаме е да испадне повикот за млад земјоделец за да можеме да аплицирам бидејќи сакам да дојдеме до современа механизација која ќе ни овозможи по професионално да си ја завршиме работата. Исто така предлагам на сите млади земјоделци да аплицираат за мерката „Млад земјоделец“ која сега изнесува 20 000 евра и ќе им биде од голема помош. За да одиме напред треба да го следиме трендот на младите земјоделци во европските земји – вели Ангеловиќ.
