Потребни се многу работници во фабриките за автомобили, но се чини дека тие не мора секогаш да бидат луѓе. Фабриката на „Фолксваген“ во Чатануга, Тенеси (САД) соопшти дека покрај 4.000 луѓе, моментално вработува и стадо од 50 овци за да помогне во спроведувањето на новиот проект за соларна енергија на компанијата.
Нивниот соларен парк е изграден во 2013 година и е еден од најголемите такви објекти на фабриката. Соларниот систем од 9,5 мегавати обезбедува до 12,5 проценти од потребите за електрична енергија на централата за време на производството, со 33.600 соларни модули распоредени на 33 хектари покрај централата.
На соларните фарми им е потребно цврсто земјиште, што значи дека проблем претставува ерозијата на почвата. За да се спречи ова, тревата многу помага, но бидејќи треба да се одржува за да не ги прерасне соларните панели, тука на сцена стапуваат овците кои треба да ја пасат тревата. Освен тоа, тие истовремено ја оплодуваат почвата, а за разлика од косилките успеваат да стигнат и до тешко достапните места.
„Прилагодливото пасење е ефикасен и економичен начин за контрола на вегетацијата и минимизирање на ризикот од ерозија во големите соларни постројки“, објасни Лоран Шаленбергер, менаџер на проектот за обновлива енергија на компанијата „Silicon Ranch“, кој управува со фармата на „Фолксваген“ на која овците пасат на површина од 6.000 до 11.000 хектари.
Шаленбергер додава дека овие животни ја одржуваат тревата ниска преку пасењето и газењето, а соларните панели им обезбедуваат сенка со намалување на топлинскиот стрес во лето.
„Регенеративното пасење може да помогне да се обезбедат важни еколошки придобивки, како и секундарен и стабилен извор на приход за земјоделците“, истакна тој.
Од „Фолксваген“ наведуваат дека е важно за оваа работа да се ангажираат само овци, бидејќи козите, кои исто така можат да ја одржуваат тревата, имаат тенденција да скокаат на соларни панели и да ги џвакаат жиците.
Сепак, овците не се единствените животни кои имаат задача во Чатануга. „Фолксваген“ „вработува“ и неколку магариња „спасувачи“, чија задача е да ги предупредат овците за какви било закани кои доаѓаат од дивината, пренесува carbuzz.com.
