Домашните јаболка се во опасност да станат реткост во Индија, бидејќи земјоделците изгубија половина од своите приноси оваа година, а се предвидува дека главните овоштарници во земјата наскоро би можеле целосно да бидат уништени.
Раните снежни врнежи во Кашмир, каде што се одгледуваат речиси 80% од индиските јаболка, ги натераа фармерите во регионот да имаат катастрофална берба веќе трета година по ред.
Официјалните лица се обидуваат да ја пресметаат загубата за индустријата за јаболка, која придонесува со речиси 500 милиони фунти (50 милијарди рупии) за локалната економија годишно. Јаболката се продаваат на пазарите за овошје низ Индија, а некои дури и се извезуваат. Во исто време, научниците предупредија дека овоштарниците во долината Кашмир, опкружени со Хималаите и планините Пир Панџал, најверојатно ќе станат неодржливи во следните неколку години.
Во последните 20 години се забележани постепени промени во временските шеми во регионот, кои се интензивираа во последните пет години. Според Одделот за хортикултура во Кашмир, изгубени се 5 милијарди рупии од бербата во 2018 година. Тоа се искачи на 22,5 милијарди рупии во 2019 година, кога Кашмир ги доживеа најтешките снежни врнежи во последните 60 години.
„Со оглед на климатските промени, бербата на јаболка овде веќе не е одржлива. Во Кашмир снегот порано почнуваше да паѓа дури по 15 декември, но во последните две децении снежните врнежи се појавуваат сѐ порано и порано. Бидејќи јаболката се берат во ноември, снегот го нарушува целиот процес – рече д-р Ирфан Рашид, доцент на Универзитетот во Кашмир.
ЕУ и Индија, како трет и четврти најголем извор на емисии на стакленички гасови во светот, продолжуваат да работат на интензивирање на нивните односи и соработка, вклучително и во борбата против климатските промени. За таа цел, откако Европскиот парламент на 29 април оваа година го усвои извештајот во кој ги повикува ЕУ и Индија да работат заедно на геополитичките предизвици, лидерите на ЕУ и Индија одржаа самит на 8 мај. Една од главните теми беа зелените технологии и климатските промени.
Извор: jutarnji.hr
