Фабриката за трактори во Санкт Петербург (PTZ) и компанијата која работи на системи за вештачка интелигенција за роботизација на земјоделски машини „Cognitive Pilot“ ќе го започнат првото светско масовно производство на трактори „Кировец“ контролирани со автопилот систем, базиран на вештачка интелигенција, пишува Future Farming.
Во Русија до 2024 година ќе бидат во функција дури 10.000 вакви трактори, а овие две компании потпишаа договор според кој проектот ќе се реализира во три фази.
Привршуваат тестирањата на роботизираните трактори со првата верзија на „Cognitive Agro Pilot“, по што странките очекуваат испорака на првата пилот серија од 10 до 20 трактори до клиентите. Сериското опремување на моделот „Кировец К-7М“ со првата верзија на системот со автопилот е планирано за февруари 2022 година.
Зголемен степен на автономија
Во втората фаза, нивото на автономно возење ќе се зголеми на четврт степен на автоматизација. Со тоа значително ќе се прошири можноста на системот за контрола во различни ситуации, а возилото ќе може да ја препознае ситуацијата во околината, да кочи доколку наиде на пречка, да ја пресмета оптималната патека за извршување на задачите и слично. Дополнително, врз основа на информациите собрани од сензорите, тие ќе можат да спроведат сеопфатна анализа на состојбата на земјиштето и земјоделските култури. Исто така, тракторот ќе биде опремен со странични сензори.
Пилот серијата од 10 до 20 машини со втора верзија на автопилот се очекува да биде испорачана на клиентите во есента 2022 година, додека сериското производство на трактори со овој систем треба да започне во август 2023 година.
Целосно беспилотната верзија ќе се имплементира во третата фаза. Тогаш машината ќе може да се движи самостојно без возач. Планот е да може да вози покрај комбајн кој не е опремен со систем за автономна контрола. Ваквата опрема на К-7М е планирана за јануари 2024 година.
Според компанијата „Cognitive Pilot“, ова е прв проект во таа земја за сериско производство на трактори без возачи, кои ќе се користат за масовна комерцијална употреба.
Според нивните прелиминарни проценки, К-7 со ваков систем ќе заштеди од 70 до 80 проценти на поправки на опремата и влечните приклучоци. Според нив, тоа овозможува роботска контрола на земјоделските машини во сите операции, вклучително и сеидба, ѓубрење, обработка на почвата и слични агротехнички зафати.
Погледнете како изгледа во моментов.
