Виена, град кој беше прогласен за европска престолнина на пчелите во 2020 година, прави сѐ за да ги заштити овие важни опрашувачи. Благодарение на зелениот појас и заштитените подрачја со цветни ливади, Виена нуди добри услови за живот на пчелите. Ова важи дури и за центарот на градот, каде што може да се најдат сè поголем број соодветни зелени површини, а и кошниците се поставуваат на различни места како што е покривот на градското собрание во Виена.
Градското собрание на Виена не е само центар на политиката, туку и на пчелите. Од 2014 година на покривот на Градското собрание во австриската престолнина има неколку кошници со пчели. Сместени се за активна заштита на пчелите во градот, а разновидна храна наоѓаат на старите дрвја во паркот пред зградата.
Овие пчели произведуваат повеќе од 180 килограми мед годишно, кој потоа се дава во добротворни цели.

Градоначалникот на Виена Мајкл Лудвиг вели дека градот е посветен на заштита на пчелите и поддршка на органското земјоделство.
„Кошниците на покривот на Градското собрание се проект кој треба да послужи како пример за другите. Виена е посветена на зачувување на зеленилото на градот“, вели Мајкл Лудвиг. За пчелите се грижи општинскиот пчелар Алфред Хауск и неговиот зет Мајкл Дракслер, а градоначалникот со нив често ги посетува кошниците и пробува мед.
Големите градови нудат различни живеалишта и храна за пчелите. Во парковите, уличките и градините, како и во теглите со цвеќе, пчелите можат да собираат нектар. Педесет проценти од градското подрачје на Виена е зелено, што во лето привлекува до 200 милиони пчели. Повеќе од 5.000 кошници се распослани на зелените површини во Виена, од кои некои се наоѓаат на многу необични места како што е споменатиот покрив на Градското собрание, главните гробишта во градот или покривот на хотелот „25 Hours“. За нив се грижат пчелари, здруженија и градски служби.
Според истражувањето спроведено од градот Виена во 2015 година, таму живеат вкупно 456 различни видови диви пчели. Тоа е единствено за една метропола и ненадминлива низ цела Европа. Во исто време, дивите пчели во Виена се разликуваат по својот изглед. Дивите пчели се познати по својата мирољубивост и можат да боцнат исклучиво само кога директно се нападнат. Во Виена се препорачува да се избегнува употреба на инсектициди бидејќи тие ги уништуваат не само паразитите туку и корисната фауна на инсекти. Од дивите пчели, и покрај нивната бројна предност, сепак попознати се медоносните пчели. Само еден таков вид се одгледува во Европа, таканаречената западна медоносна пчела.
