Сѐ повеќе луѓе и градежни компании се свртуваат кон алтернативни градежни материјали. Во последно време, сламата стана еден од побараните материјали за изградба на куќи, особено во Франција, поради сѐ поголемиот недостиг на ресурси како што е дрвото, што го принудува локалното население да ја користи сламата како алтернативна основа за градба. Сламата, покрај тоа што е еколошка, е значително поевтина од многу други материјали, бидејќи секоја година ја има во изобилство во локалните земјоделски посеви. Досега овој градежен материјал се сфаќаше прилично несериозно, денес тоа е тема на насловните страници на специјализирани списанија, каде што сламата е класифицирана како иднина на одржливата архитектура.
Секако, како и кај секоја градба, така и градењето со слама има свои предности, но и предизвици со кои се соочуваат градежните работници при работа. Важно е прво да се избере вистинската сорта на слама; експертите препорачуваат употреба на пченица или ‘рж, а бидејќи сламата е сезонски производ кој може да се најде само кон крајот на летото, најдобро е да се планираат градежни работи во овој период. Градилиштето исто така треба да биде опремено да прима бали од слама кои градежниот тим ќе ги користи за изградба на надворешни ѕидови, преградите, покривите и поткровјата.

Архитектите за куќи со мали површини предлагаат дека е најдобро да се користи градежната техника позната како „небраска“, која се состои од сложување на бали слама во распоредени редови и потоа врзување на балите со бамбус.
Поголемите простори, сепак, бараат употреба на друга техника позната како „дрвена рамка“, каде што сопствениците прво ја градат целата дрвена рамка пред да постават купишта слама во структурата.
Без оглед на техниката што ќе се примени, балите од слама потоа мора да бидат покриени со вар и обложени со органска боја.

Најголемата предност на користењето на слама е достапноста; балата чини околу 2 евра ако сопствениците одат сами да ја соберат сламата, а кога станува збор за изградба, пристапот „направи сам“ е силно охрабрен бидејќи за куќите од слама не е потребно софистицирана количина градежни знаења.
И конечно, спротивно на популарното верување, сламата е здрава, добра како изолација на долг рок и отпорна на оган.
Она што е недостаток на ваквата конструкција е фактот што влагата е најголемиот непријател на сламата, што оневозможува продолжување на работата во случај на дожд. Сопствениците потоа мора да се грижат балите да се складираат постојано во зона без влага на целото градилиште. Потребно е и да се обезбедат посебни основи за да се спречи подигнување од земја и можно гниење на сламата одоздола.
Сламата како градежен материјал е сè уште на почеток, меѓутоа, многу архитектонски уреди почнаа да дизајнираат и на крајот да градат такви куќи, кои во финалниот производ воопшто не изгледаат помалку луксузно од оние со класична градба.

Фото: Facebook



Извор: designboom.com
