Невремето од 21 јуни годинава кое зафати седум населени места во Прилепско направи штета од 61 милион и 347 илјади денари. Ова е проценетата штета што ја направија комисиите, а прилепските советници вчера го усвоија извештајот.
Беа погодени населените места Тополчани, Чепигово, Тројкрсти, Алинци, Канатларци, Ерековци и Клепач, како и неколку парцели од Веселчани, Подмол и Шелеверци. Беше зафатена површина од 1.085 хектари, а најпогодени беа површините со јачмен, компири, лешници, дињи, пченица, пченка, сончоглед и со тутун.
До комисијата за проценка на штети биле поднесени 279 барања од кои 11 се отфрлени како некомплетни.
Извештајот треба да биде доставен до второстепената владина комисија.
МИА
