Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, вчера се сретна со претседателот на регионалното здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“ Дано Јошев, за да разговараат за фактот дека многу винарски визби и откупни пунктови не ја почитуваат неформално договорената цена од 13 денари за грозјето од сортата вранец, најзастапена во Тиквешијата, како и 11 денари за смедеревката.
На прес-конференција по средбата, која ја пренесе локалната телевизија КТВ, градоначалникот и претседателот на здружението упатија апел да се почитува договорената цена.
Според лозарите, само една винарска визба го почитува договорот за овие откупни цени. Јанчев рече дека сите производители ја имаат неговата поддршка во борбата за реални и фер цени на грозјето.
„Заклучокот што го имаме со здружението е дека само една винарска визба во моментот го почитува неформално договорениот договор. Другите винарии имаат истакнато и даваат многу пониски цени на вранецот. Би замолил да се почитуваат неформално договорените цени и на така лошата година која ја имаме во лозарството да не им правиме на луѓето дополнителни проблеми.“, рече Јанчев.
