Сушата, прекумерното наводнување или прекумерното ѓубрење се основните причини поради кои на листовите на растението се појавуваат лисни вошки (афиди).
Мислејќи дека грижливо го негувате своето цвеќе на терасата или во градината, во услови на екстремно високи летни температури помагате на растението да се развијат овие опасни штетници.
Растителните вошки ги напаѓаат сите растенија, лековитите и украсни билки, овошните и зеленчуковите видови, полјоделските култури. Се хранат со растителни сокови и доведуваат до сушење на растението. Меѓутоа, можете да се ослободите од нив и без употреба на хемиски средства. За да ги отстраните и спречите да се вратат, испробајте некои од овие безбедни и едноставни методи.
Афидите се посебно активни во текот на летото, а може да забележите и дека се размножиле во текот на ноќта. Не се посебно пребирливи и ги напаѓаат како растенијата во затворено, така и на отворен простор. За среќа, лисните вошки се вид штетници кои релативно лесно се контролираат, доколку рано ги забележите. Со вистински мерки растенијата ќе се опорават од растителните вошки и ќе продолжат со продуктивен род или цветање пред колониите да станат преголеми.
Ефикасен е силен млаз вода
Од сите природни лекови за брзо отстранување на овие натрапници, силен млаз вода е еден од најдобрите и најлесни начини за контрола на афидите. Техниката на туширање на растенијата со вода е особено ефикасна кај саксиските растенија. Лисните вошки имаат слаби нозе и лесно паѓаат од растението.
Помага и посебен сапун
Можете да го набавите во земјоделска аптека или да го направите сами и тоа од три состојки: дестилирана или превриена вода, благ течен сапун, како оној за бебиња, и малку сончогледово масло или етерично масло од еукалиптус. Препораката е да не се користи прашок за садови или течен сапун за раце поради адитивите кои можат да им наштетат на растенијата. Со вака направената течност ги прскате штетниците, не целото растение.
