Дојран е историски град во југоисточниот дел на Република Македонија на брегот на Дојранското Езеро. За настанокот на името на градот Дојран постојат повеќе легенди. Според една, на местото каде што денес се наоѓа Дојран, постоел бунар од кој луѓето полнеле вода. Откако ќе наполнеле вода тие го затворале бунарот со 9 катанци. Еден ден по вода заминала најубавата девојка од тој крај, Дојрана. Покрај бунарот ја чекало нејзиното момче Лабин. Занесена од љубовта таа заборавила да го затвори деветтиот катанец. Од бунарот почнала да тече вода која ја преплавила целата котлина и така се создало Дојранското Езеро, што го добило името по убавата Дојрана.
Според големината Дојранското Езеро е најбогато со риба во Европа, а од риби најмногу се застапени црвеноперката, крапот и сомот.
Во минатото Дојран го карактеризирал уникатниот лов на риба со помош на птици корморани кое е застапено само уште на едно место во светот во далечната Кина. Мандрите денес имаат само естетска вредност и потсетуваат на периодот кога на овој начин се ловеле големи количини риба.
Дојран е карактеристичен и по изобилието на јужни овошја. На секој чекор виреат калинки, смокви, но и маслинки.
Во следното видео можете да погледнете и слушнете уште некои интересни факти за нашиот убав Дојран.
