Благојчо Божановски од Пехчево се занимава рекреативно со пчеларство од 2012 година и активно ги применува одржливите практики во пчеларството воспоставени од Програмата за зачувување на природата (ПЗП).

„Денес пчеларам со околу 110 пчелни семејства и имам формирано уште еден пчеларник на Малешевските планини, атар на с. Русиново, исто така на надморска височина над 1000 метри. Во иднина имаме планови да формираме барем уште два пчеларника на различни локации. На тие пчеларници, зависно од годината, поради подоцнежната паша, медот е претежно мешан или планински, но има и ливадски мед. Откако се зачленив во здружението „Меден Исток“, започнав да ги применувам одржливите практики во пчеларството, со што моите производи имаат поголема додадена вредност на пазарот.“, вели Благојчо.

Пораката на Благојчо до сите сегашни и идни пчелари е: „Би сакал да ги охрабрам сите почетници кои се одлучиле да се занимаваат со пчеларство да бидат истрајни и големи ентузијасти, затоа што во пчеларството не може да се предвидат сите текови. Сите тие треба да ги практикуваат одржливите практики во пчеларството, за на пазарот да имаме безбеден и квалитетен мед. Опстанокот на човештвото е директно зависно од опстанокот на пчелите, а нивното одгледување е задоволство и привилегија.“
