Во општинската сала во Кривогаштани денеска се одржа првата обука за производство на органска пиперка, како дел од проектот „Договорно производство на органска пиперка“.


За важноста на органското производство пред земјоделците зборуваше советничката за органско производство- Ангела Ѓеровска која потенцираше дека ова производство не е воопшто комплицирано и дека вложувањата се често и помали, а заработката повисока од конвенционалното производство.

Поради недоволна информираност на земјоделските производители, постои недоверба во производство на органски производи. Најчесто земјоделците сметаат дека прихраната и заштитата се поскапи, а приносот помал и едноставно не сакаат да пробаат и да се разубедат во спротивното.
Меѓутоа, новите европски трендови, барањата на потрошувачите и потребата од здрав живот, сѐ повеќе ја наметнува потребата од зголемување на површините под органски култури. Овој процес го помага и државата со 100 % повисоките субвенции за органско производство.

Сите овие аспекти од органското производство како и постапката за сертифицирање на производствтоо беа тема на средбата на која земјоделците добија целосни информации, а со тоа и мотивација за вклучување во проектот за следната година.


За повисоките субвенции и до 100 посто за органски производи зборуваше раководителот на ПЕ на Битола, Методија Илиевски, а претставниците од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството ги повика земјоделците да се приклучат во проектот за да може да имаат поисплатливо и сигурно производство, користејќи ги капацитетите на вработените во АПРЗ.



Проектот „Договорно производство на органска пиперка“, годинава за прв пат стартуваше во организација на Агротим, советници, откупувачи и земјоделски производители. Активноста се спроведува со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма.

Видео материјалот од обуката се подготвува и во текот на утрешниот ден ќе имате прилика да го погледнете на Агротим.

