Пред 28 години, пензионерот и вдовец Стјепан Вокиќ од Славонски Брод нашол штрк со скршено крило, ѝ го дал името Малена, ѝ го спасил животот и оттогаш двајцата ги поминувале деновите заедно, најмногу исчекувајќи ја секоја нова пролет.
Во 2002 година Малена ја пронашла љубовта на својот живот, штркот Клепетан, кој се враќал секоја година и заедно имале 66 штркчиња. Секоја есен Клепетан заминувал во Африка, а Малена останувала во селото со Стјепан.
Нивната љубовна приказна заврши. Малена угина.
„11 дена не јадеше, се обидов да ја хранам, беше кај мене дома… Клепетан остана тука, ама не сака да оди во гнездото. Тој сѐ уште мисли дека таа е тука некаде, многу ми е тешко. Долго време ѝ беше скршено крилото… Доаѓаше и ветеринар последните неколку дена, но веднаш рече дека нема помош за неа“, рече за хрватски Индекс Стјепан Вокиќ.
„Остануваме Клепо и јас, ако тој дојде следната година, јас ќе бидам тука за него“, додава скршениот Вокиќ.
Љубовната приказна на Малена и Клепетан Хрватска и светот ја следат веќе 19 години, а за нивната љубовна приказна е снимен и филмот „Старецот и штркот“.
