На Петровден, на 12 јули, земјоделците од Прилеп, Битола, Тиквешијата и дел од Радовишко-струмичкиот регион ќе организираат предупредупредувачки штрајк во Прилеп за како што велат неисплатените субвенциии во повеќе гранки, неисплатените ковид пакети за тутунарите и лозарите, како и немањето на соодветна аграрна политика, пренесува Сител. Организаторите обвинуваат дека ситуацијата со земјоделството во Македонија била алармантна.
„Борчиме насекаде, кон аптеки, кон сите добавувачи, репроматеријалите се поскапении за 30 па и за 40%. Сега нов удар за нас земјоделците е зголемувањето на нафтата, на дизел горивата. Сѐ оди во нагорна линија, само цената на нашите производи останува иста, а некаде и се намалува“, вели Игор Мирчески, координатор на новите тутунарски здруженија.
„Земјоделците се доведени да бидат социјални случаи. Доведени сме до тоа да не можеме да функционираме. Општо владее еден хаос, државата нема никаква стратегија, никакви мерки не се преземаат за санирање“, кажа Ѓорѓи Каракашов, земјоделец од Радовишко-струмичкиот регион.
Сточарите обвинија дека поради тешката сотојба, немањето субвенции, ниската откупна цена на млекото, веќе започнале да се продаваат и цели фарми со крави. Обвинуваат дека дел од млекарниците увезувале млеко, а нивното не го плаќале реално. Слична била состојбата и со лозарството, каде што велат дека никој не се грижел за нив.
„Неисплатени субвенции за 2020 година, по грло, за млеко, буквално ништо не е исплатено. Едноставно не знам како и до кога ќе издржиме. Сточниот фонд нагло се намалува, се продаваат цели фарми, тешка е ситуацијата“, истакна Тони Алчевски, здружение „Пелагониско поле“ – с. Могила, Битолско.
„Сега ние произведуваме грозје, а не знаеме кој ќе го откупи, по која цена. Лани земаа грозје по 3 денари, по 4 денари и никој ништо не презема. Сега за зелената нафта министерот вели дека допрва ќе преговарале кој ќе го земел тендерот, ами нафтата нас ни треба на пролет, не на есен“, додаде Дане Јошев, регионално здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“ – Кавадарци.
Земјоделците рекоа дека ако не вроди со плод овој предупредупредувачки протест и не им се исполнат барањата во најскоро време, ќе се подготвувал генерелен протест на ниво на цела Македонија.
