Во Штипскиот и Овчеполскиот регион почна жетвата на јачменот. Секретарот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Сарафимов, вели дека годинава приносите на јачмен се преполовени во споредба со лани, а цената на самиот старт е 10 денари за килограм или повиска за еден до два денара.
-Жетвата почна пред неколку дена и не е во полн ек, сега веќе почнува, но има послаб род. Цената е околу 10 денари за почеток. Ниска е, но откупувачите почнаа со таа цена, плус пет отсто данок на фирмите и два проценти на индивидуалните земјоделци. Многу е намален родот од лани и излегува од еден и пол до два тона на хектар, ова е просечната килажа на јачменот – вели Сарафимов.
Според него, за квалитетот и колку ќе бидат приносите на пченицата сѐ уште е рано да се каже или да се прогнозира. Но, од она што е на нивите се гледа дека родот е намален.
Земјоделците очекуваат пченицата да се откупува за 12 или 13 денари за килограм.
Цената на житните култури зависи од светските берзи, но кај нас и од тоа колку ќе се произведе во соседна Србија, која е осми извозник на житни култури, каде што годинава имаат просечни приноси. Поради намалениот сточен фонд во земјава се очекува јачменот да ги задоволи потребите на домашните сточари.
Извор: МИА
