На тромеѓето меѓу Албанија, Црна Гора и Србија, на непрегледниот Пештер, од каде секој кој можел веќе одамна заминал, и понатаму живее и гордо работи вредното семејство Куртагиќ.
Таткото и мајката имаат девет деца, осум сина и една ќерка. Четворица останале на семејниот имот и успешно се занимаваат со овчарство. Овде формирале и семејства, па во нивниот двор играат десет малечки додека на ливадите пасе едно од најголемите стада на Балканот.
„Во ова време од годината имаме повеќе од илјада грла, никогаш не успеавме сите да ги преброиме, кога ќе се стопли и ќе почнат да се ојагнуваат тој број преминува и две илјади. Тешко е тој број да се држи на едно место, па ни се распоредени на неколку места. Во текот на зимата овде не е ни малку наивно, па е потребно добар дел од храната да обезбедиме. Ја имаме таа среќа што сеното не го купуваме. Ги имаме и сите потребни машини, а работна сила не плаќаме бидејќи сме повеќечлено семејство, она што единствено го купуваме е жито“, вели Шефкет Куртагиќ.
Вредните сточари не се покајале во намерата да направат голема фарма и своите деца да ги прехранат на тој начин. Нивното стадо прво броело околу 150 овци, а се ширело од година во година и ја достигнало оваа неверојатна бројка. Пештер е непристапен терен, па многу се намачиле, но на крајот со голем труд и слога во тоа успеале.
„Изградивме големо трло каде што може да бидат една третина од грлата и работиме на тоа уште да го прошириме. Водата ни беше голем проблем, но успеавме да ја доведеме до нашето домаќинство. Градиме силос во кој храната ќе ја чуваме преку зима и така да си ја олесниме работата. Патот до куќата ни е многу лош и тоа ни е следна цел. Ќе настојуваме да изградиме нов и подобар, а се надеваме дека и локалната самоуправа ќе има слух за нашите потреби“, вели Саладин.
Нивните верни пријатели и чувари на стадата на непрегледните рамнини се и овчарските кучиња кангали. Да ги нема нив, не би можеле да ги зачуваат своите овци на суровиот Пештер.
„Без нив сме како без очи, треба да се зачува стадото од предатори и диви ѕверки кои овде секојдневно шетаат. Имаме пораснати кангали кои неколкупати се фаќале во костец со волци и мечки. Секогаш излегуваа како победници. Кај нас овде еден кангал е на еден волк“, со насмевка вели Саладин.
Производите кои се добиваат од овие овци немаат граници. Продажбата оди „како алва“, а најмногу се бара чисто сирење, млеко и кајмак. Тоа се најсилни адути на овие вредни сточари. За овие производи задолжени се нивните сопруги, кои исто така не бегаат од тешките работи на имотот.
„Во бочвите собира околу 55 килограми чисто полномасно овчо сирење. Начинот на подготовка е малку специфичен бидејќи прво се засирува, па после се цеди и се сече на парчиња и ваквиот квалитет однапред е продаден и немаме проблем со пласманот. Годишно од нашата фарма на продажните места одат околу три тони овчо сирење. Така што има сметка да се занимаваме со ова, не се жалиме“, вели најмладиот брат Екрем.
Извор: agrosavjet.com
