Поради кризата и други финански проблеми, многу земјоделци, корисници на државна земјоделска земја не стигнаа навреме да ги платат давачките кон државата, со што Министерството за земјоделство им ги раскина договорите.
Такви примери има со сточари во село Водоврати, земјоделци од Виничани, од Градско и од други региони.
Министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа, сакајќи да им помогне на овие земјоделци да не ја изгубат земјата превзема мерки и активности, согласно законските можности кои му стојат на располагање.
-Го знаеме проблемот и сакаме да им помогнеме на тие земјоделци кои поради финансиска криза или друга причина, не успеале навреме да ги платат давачките кон државата за земјата која ја имаат под концесија. Ако почневме процедура од Влада ќе траеше многу и затоа разговарав со пратениците од мнозинството кои потпишаа предлог закон за да се отвори можност да се излезе во пресрет на сите кои го губат земјиштето. Бидејќи ние го раскинуваме договорот но не му го земаме владениетот, има простор од година дена да се одзема од владение. Затоа отвараме можност со која додека трае процесот на одземање на земјата од владение, ако земјоделецот ги плати сите давачки тогаш продолжува автоматски да го користи земјиштето. Значи излегуваме во пресрет на сите да не го губат земјиштето – потенцира министерот Хоџа.
