„Постојат мали фарми низ целиот свет кои можат да се здружат во глобална задруга која ќе биде посветена на производство на храна според високи еколошки стандарди“, рече принцот Чарлс во изјава за британски Гардијан. Тој смета дека тоа може да се постигне со вештините на етичките претприемачи и одлучноста на земјоделците.
Неговата порака доаѓа во време кога малите земјоделци и во Велика Британија и во Европската Унија се соочуваат со загуби на субвенциите и новите трговски договори по Брегзит, односно најавената реформа на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, за која се дискутира деновиве.
„Клучно е придонесот на семејниот земјоделец соодветно да се препознае – тие мора да бидат клучен дел од секоја чесен, инклузивен и праведен премин кон одржлива иднина“, порача принцот од Велс, додавајќи дека поради тоа им е важно да обезбедат алати и да ја поттикнат самодовербата за брз премин на системите на регенеративно земјоделство што ги бара нашата планета.
Анализата покажува дека овој вид земјоделци биле најзагрозени, дури и пред пандемијата и Брегзит. ЕУ изгуби голем број сточарски фарми. Гардијан ја изнесува бројката од 3,4 милиони такви фарми кои се згаснати меѓу 2005 и 2016 година, што е последната година за која се достапни податоци. Во исто време, бројот на добиток во фармите е зголемен, што е јасен знак за интензивирање на производството во овој сектор. Кога станува збор за Британија, во тој период се изгубени 45.500 фарми за добиток.
Принцот Чарлс долго време беше поддржувач на одржливото земјоделство и на почетокот на оваа година ја лансираше платформата Тера Карта, која претставува патоказ до 2030 година, кој би требало да им помогне на оние што се собрани во задруги со цел да им се приближат што е можно поблиску на потрошувачите заинтересирани да купуваат од мали, локални производители.
„Тие земјоделци се едни од најиновативните мали бизниси и ние зависиме од нив на многу начини, многу повеќе отколку што повеќето од нас некогаш ќе знаат“, напиша тој.
