Фондот за иновации и технолошки развој и УНИ Банка потпишаа Меморандум за меѓусебна соработка, со кој се отвораат нови можности за финансирање и олеснување на пристапот до финансиски средства за микро, малите и средни претпријатија. Најголем дел од поволностите и овој пат ќе бидат обезбедени за старт-ап компании.
Од соработката, бенефит ќе имаат компаниите- апликанти за кофинансирани грантови на ФИТР, за кои банката би обезбедила дополнителна финансиска поддршка во делот на сопствено кофинансирање преку поповолни услови од редовните.
Олеснување ќе добијат и компаниите кои аплицирале но не им било одобрено кофинансирање од Фондот.
-Истражувањето кое го објавивме минатата недела покажа дека над 70 отсто од стартап компаниите во државата, во фазата на развој на бизнисот имаат потреба од дополнителни финансиски средства и токму тогаш најголема поддршка добиваат од страна на Фондот за иновации и технолошки и развој. Во Серверна Македонија имаме стартапи со светски идеи и услуги и токму тоа е главниот мотив кој не движи да работиме со полна пареа за да им обезбедиме олеснувања при реализирање на бизнис плановите и пласман на глобалните пазари. -изјави Директорот на ФИТР Коста Петров.
Пакетот „УНИ Иновација” вклучува: 6 месеци без надомест електронско банкарство со уникатни бизнис Е-пакети, наменска сметка без надомест за одржување за првите 6 месеци, услуга „Мој Банкар” без надомест, како и маркетинг поддршка преку канали на банката. Имено, за сите корисници преку овој пакет, ќе бидат обезбедени бесплатни промотивни активности.
Повеќе информации за бизнис пакетот „УНИ Иновација”: https://bit.ly/3ukt1bG:
-Обострано е задоволството од потпишувањето на Меморандум за соработка помеѓу ФИТР и УНИ Банка. Убедени сме дека микро, малите и средните компании се тие кои ќе имаат значителен бенефит од оваа соработка. Со долгогодишно искуство, профилирани како Банка на клиентот, точно ги препознаваме потребите на компаниите, фазите на развој, инвестициските циклуси, финансиските потреби и севкупните предизвици со кои тие се соочуваат. За таа цел, во соработка со ФИТР, за дополнителна поддршка на компаниите, го промовираме пакетот УНИ ИНОВАЦИЈА- рече Виктор Филиповски, Директор на Дирекција корпоративно банкарство во УНИБанка.
УНИБанка станува четврта банка партнер на ФИТР која верува во домашните иноватори, а наскоро се очекува ваков меморандум за соработка да биде потпишан со уште една голема банка.
