Нишањето на облакодерите во кинескиот град Шенжен веројатно е предизвикано од комбинација на ветрови, линиите на подземната железница и промената на температурата, според прелиминарните анализи пренесени од локалните медиуми.
Облакодерот „СЕГ Плаза“, висок скоро 300 метри, започнал да се ниша минатиот вторник попладне, што предизвикало паника и евакуација на луѓето во зградата, додека пешаците со страв ја следеле целата ситуација, пренесува британскиот весник „Гардијан“.
Немало земјотреси во таа област, а локалните власти соопштиле дека инженерите не нашле никакви безбедносни проблеми во зградата или нејзината околина. Ниту пак нивото на поместување не ги надминало границите предвидени со законите за градба.
„Кинеските медиуми објавија дека прелиминарната истрага, потврдена од Одделот за управување со вонредни ситуации во провинцијата Гуангдонг, утврдила дека флуктуацијата била вертикална, а не хоризонтална и дека била предизвикана од комбинација на ветрови, од двете подземни железнички пруги под зградата и потоплото време“.
Во прелиминарните истражувања се наведува и дека зградата нема подесен пригушувач на масата – огромен уред што спречува прекумерно нишање.
