Пред стотина години само побогатите луѓе во градовите можеле да си дозволат да го поминат годишниот одмор на море и планина, па вообичаена дестинација била село или роднини.
Денес, кога многу градски деца никогаш не виделе во живо коњи, крави или свињи, селскиот туризам стана дури помодарство, но претставува и одличен начин да се спојат престојот во природа, активниот или пасивен одмор и запознавање со културата и традицијата на некој крај.

Руралниот туризам не се одликува со масовност т.е не постојат селски дестинации кои привлекуваат илјада луѓе. Тоа може да се случи само во ретки случаи кога во селото се одржува некоја манифестација, но тогаш е основен мотив на туристите токму тоа случување, а не селската средина.
Селскиот туризам бележи константен раст во светот. На тоа секако придонеле некои современи глобални трендови како што се заштита на природата, престој во природа, како и зачувување и повторно оживување на локалните традиции, обичаи, културно-историски споменици, а сето тоа на темелите на одржливиот развој. Селскиот туризам успешно ги вклопува сиве овие елементи во својата понуда па затоа и не е чудно што сè повеќе туристи патуваат во руралните предели. Значењето на селскиот туризам е повеќекратно, најпрво се огледува во зачувување на природната средина и културата на некое место и во подобрување на социо-економската слика на одреден рурален предел.

Стручњаците сметаат дека нашата земја има сериозни можности да го развива селскиот туризам, но за негов развој потребни се големи инвестиции во инфраструктурата, со што би се овозможил поголем пристап до руралните средини. Какво е чувството наутро да те разбуди пеењето на петел под прозорец, миење лице со студената вода од селската чешма или бунар, седнување на појадок на дрвени клупи и маси, мирисот на кафе и свежо подготвениот сок од овошје покрај дворот. Милина за непцата е свежо измолзеното млеко или матеница, со зелник подготвен со коприва или спанаќ од вредните раце на домаќинката. Сè наоколу мириса на цвеќе, зуење на пчелите, пеењето на птиците и звукот од животните однесени на паша. Дали сево ова може да се спореди со одморот поминат на некоја песочна плажа, на море или езеро со атрактивни понуди на европски и светски дестинации?
Јасмина од Станци вели дека со затоплување на времето сè повеќе се чувствува раздвиженоста меѓу луѓето, па така и во нејзиниот двор, речиси да нема викенд а куќата да не е полна со гости. Доаѓаат најчесто фамилии кои сакаат да поминат неколку часа покрај нивната воденица, воодушевени од тропотот на воденичарските камења кои неуморно ја префрлаат водата и го мелат житото или пак валањето на јамболиите во валавичарицата веднаш до куќата.

„Најзадоволна сум кога ќе го видам нивното воодушевување од природата, не можат да се изнагледаат на убавината околу нас, веднаш го спремам појадокот кој задолжително е зелник со коприва посебно во овој период сега кога ја има во изобилство, а со кисело млеко е вистински празник за душа“, вели таа.
Јасмина вели дека селата обично се атрактивни најчесто за празниците и посебно сега во овие услови на пандемија, очекуваат да имаат гости за велигденските празници, но се разбира со почитување на здравствените мерки.
Бројните села во Кривопаланечко имаат одлични услови кои се потребни за развој на селскиот туризам: иницијатива на локалните жители, културно наследство, куќи изградени од камен, цркви, природни богатства, реки, шуми, планини, патна поврзаност со бројни угорници и надолници.
Ако се направи една споредба ќе може да се заклучи дека руралниот туризам зазема значајно место во бруто домашниот приход во земјите членки на Унијата, така што преку него кај нив се отворени над 900.000 директни и индиректни работни места.
