Младите членови на тиквешкото регионално здружение на граѓани „Ековита“, работат на неколку лични иновативни идеи, со кои се натпреваруваат со други млади, во рамки на проект за прекугранична соработка со соседна Грција. Претседателот на Здружението, Сашко Тодоров денеска информираше за МИА дека станува збор за три особено интересни иновативни идеи.
-Еден наш член работи на идејата за зелена земјоделска аптека за биолошки препарати и консултации за еколошко производство, за безбедно производство на грозје и вино, преку биолошки методи за уништување на штетниците во лозарството – појасни Тодоров.
Тој соопшти дека една студентка, активист во Здружението, разработува иновативни производи од грозје и печурки.
-Нејзина цел е спојот на природата со традицијата во Тиквешијата. Пример за тоа е слаткото од печурки кое таа го промовира, рече претседателот на „Ековита“.
Тој ја сподели и третата идеја, за производство на биоразградлива амбалажа.
-Според таа идеја, се препорачува, наместо стиропор, при пакување на разни машини да се користи отпад од струготини, стврднат со помош на мицелиум за производство на печурки, со цел, отпадот, наместо со години да се распаѓа, брзо да се разгради – додаде Тодоров.
Тој откри дека на натпреварот се пријавиле 50 млади со иновативни идеи.
-Најпрвин ќе се изберат 30 најдобри, кои ќе добијат ментори. Потоа ќе се селектираат 18, кои ќе одат на обука во Охрид, а ќе бидат едуцирани од стручни лица и истакнати менаџери од двете држави. Следната селекција ќе ги одбере најдобрите меѓу добрите, кои ќе имаат можност да се сретнат со потенцијални финансиери на бизнис форум во Солун, но и други придобивки – информираше овој еко активист, инаку дипломиран инжењер по биологија.
Целиот проект бил финансиран од Европската Унија. Тодоров нагласи дека се надеваат на успех.
-Нашите студенти имаат прекрасни иновативни идеи, а ние само им даваме поддршка. Дури тие идеи и да не се реализираат преку овој проект, јас сум сигурен дека овие млади и амбициозни луѓе ќе најдат друг начин како да ги реализираат своите замисли – дециден беше Тодоров.
Извор: МИА
