Во април дневните температури се такви што овозможуваат масовно излегување на пчелите од сандаците. Многу од овошките и разни билки се веќе расцветани и пчелите масовно ги посетуваат па затоа дневниот прилив на нектар и полен е значително зголемен. Особено значаен е приливот на полен кој пчелите многу го трошат во овој месец заради богатото легло. Меѓутоа треба да се има предвид дека во нашава земја кон крајот на април може да настапи дождлив период, а и голем број од овошките прецутуваат и може да се случи пчелите да останат без доволен дневен прилив на нектар и полен. Заради тоа кон крајот на месецот треба да се прихрануваат пчелите со шеќерен сируп за матицата да не намали со несењето, но мора да се внимава да не дојде пчелното друштво во нагон за роење.

Во овој месец треба да ги продолжиме работите од месец март, а посебно оној дел што се однесува на брзиот развој на друштвата.
Пашата може да биде доста богата во овој месец па може да се случи да се исполни целото плодиште со мед и полен па матицата да биде блокитана и да нема каде да полага јајца. Ако навреме не реагираме може да ни се случат низа несакани последици. Затоа ако кон крајот на месецот плодиштето е исполнето, пристапуваме кон проширување на просторот во кошницата со додавање на наставак или медиште. Навременото проширување на просторот во кошницата ќе ни овозмози навреме да го спречиме нагонот за роење и воедно ќе ги запослиме сите пчели работнички.
Во април обично се најповолни условите за замена на старото и поцрнето саке и изградба на ново од сотни основи. Значи под поволни услови подразбираме: јаки пчелни семејства, голем број млади пчели, богата паша со голем прилив на поленов прав и нектар. Ако нема доволно нектар истиот може да се надокнади со додавање на шеќерен сируп но полен мора да има.

Ако старото саке не е отстрането досега тоа го правиме во овој месец и додаваме рамки со сотни основи од двете страни на леглото. Во добри услови пчелите овие две рамки ќе ги изградат за 2-3 дена и матицата ќе ги исполни со јајца. Ако условите не се толку добри тогаш ставаме само една рамка со сотна основа до леглото, а после неколку дена додаваме уште една. На овој начин можеме на брз начин да го замениме старото саке со ново а со претопување на старото ќе добиеме восок во „погачи“ кој ќе го искористиме за добивање сотни основи.
Во овој месец можеме да водиме биолошка војна со вароата, а и да постигнеме поголемо производство на восок со додавање на рамка на која имаме ставено под сатоносецот лента од 1 см сатна основа. За брзо време пчелите ќе изградат трутовски ќелии и матицате ќе снесе јајца во нив. Кога трутовското легло ќе биде затворено, ја вадиме рамката и веднаш ја претопуваме. На овој начин а во исто време со третирање со други сретства значително се намалува вароата што овозможува нормално работење на пчелната заедница.

Посебно внимание во овој месец треба да се посвети на собирањето полен. Ако знаеме каква улога игра поленот во развојот и исхраната на едно пчелно семејство тогаш не смееме да не го собираме. Поленот најдобро ќе го собереме со собирачи на полен кои се поставуваат на летот од сандачето. Едно пчелно друштво годишно троши околу 40 кг полен, а може да собере околу 60 кг. Ако имаме поставено собирач на полен на влезот од сандачето, пчелите внатре ќе внесат 30% полен, а во собирачот ке остане 70%.
Обично на почетокот на април имаме јаки друштва, средни и поретко многу слаби па затоа треба да ги средиме и да добиеме што поголем број на јаки друштва кои максимално ќе ја искористат главната паша. За да создадеме јаки друштва треба од слабите друштва да одземеме по една рамка со затворено легло без пчели и да ја додадеме на она пчелно друштво кое до главната паша ќе се развие во јако друштво. Во исклучителни ситуации ако некое друштво е многу јако и постои можност да добие нагон за роење, одземаме една рамка со легло без пчели и ја додаваме на некое друштво кое ќе се развие доволно јако за главната паша. На местото на одземените рамки се става рамка со сотна основа. Сите овие работи се прават кон крајот на месецот за пчелите да имаат време да се развијат во производни друштва до почетокот на главната паша.
Во овој месец ретко доаѓа до нагон за роење, но може и тоа да се случи кај многу јаките друштва ако се исполни целиот плодишен простор па затоа мора да преземеме мерки оваа појава благовремено да ја спречиме. Нагонот за роење ќе го спречиме ако го прошириме доволно просторот во кошницата со додавање на спратови и ако ја отвориме максимално вентилацијата. Исто така старите матици ги замениме со млади кои се изведени од најпродуктивните пчелни семејства кои не се склони кон роење. Меѓутоа ако нагонот за роење веќе е појавен тогаш таа кошница ја преместуваме на друго место на пчеларникот, а на нејзино место поставуваме едно од послабите пчелни друштва. Друштвото кое добило нагон за роење ќе остане без голем број пчели излетници, а слабото друштво ќе ги прими сите пчели кои ќе се вратат на старото место и со тоа ќе се зајакне. Со оваа постапка обично се гасне нагонот за роење.
Кон крајот на април може да настапат дождливи денови и пчелите да не се во можност да излегуваат на паша па затоа треба во вакви денови да вршиме прихрана со шеќерен сируп. Прихраната ја вршиме со причина матицата да не престане со континуирано несење јајца и да не се поремети старосната структура на пчелите до главната паша, и да не се намали количината на мед во плодиштето па кога ќе дојде главната паша пчелите да не мораат прво да го полнат плодиштето со мед па потоа да се префрлаат во медиштето.
Ако настане подолг дождлив период тогаш кај јаките друштва може да се јави нагон за роење па треба навреме да се додаде спрат.
Мај е најинтересниот месец за секој пчелар. Во овој месец ќе согледаме што сме успеале да направиме претходно. Бидејќи во овој месец почнува да цути багремот, а и многу други медоносни билки, треба да сме претпазливи и навреме да интервенираме за да не изгубиме од она за кое сме се подготвувале и труделе во изминатиот период.
Пред сè треба да ги довршиме работите што сме ги започнале во изминатиот месец и да се залагаме за создавање на јаки пчелни друштва.
Ако веќе имаме јаки друштва, треба да ги одржиме такви, односно треба да се задржи работното расположение. Тоа ќе го постигниме пред сè со проширување на просторот во кошницата како основна и најважна мерка. Да се обезбеди што е можно поголема вентилација во кошницата. Летот да се отвори максимално така што пчелите непречено влегуваат и излегуваат. Во кошницата да се држат исклучиво само млади матици бидејќи тие се многу попродуктивни, а со старите матици друштвото е поподложно на роење. И на крај, да се заштитат друштвата од секаков вид на вознемирување.

Вентилацијата во кошницата мора беспрекорно да функционира бидејќи ако знаеме дека нектарот содржи околу 60% вода и пчелите таа вода треба да ја сведат до 18-20% колку што има во медот, ќе ни стане јасно каква е улогата на вентилацијата. Ако вентилацијата не функционира како што треба ќе настане гушење во сандачето од премногу водена пареа со сите нејзини штетни последици и најопасното за овој период, нагонот за роење и самото роење. Нема да наведуваме примери како да ја регулираме вентилацијата од причина што сега веќе има разни видови на подови со мрежи и збегови, па секој пчелар зависно од тоа со какви видови на сандаци пчелари треба самиот да ја регулира вентилацијата.
Не е лошо во првата декада од овој месец да го подготвиме сиот алат за цедење на медот (центрифугата, приборот, садовите и т.н.).
Ако се појави дождлив период треба обавезно да вршиме прихрана на друштвата за да ги задржиме во работно расположение.
АПРЗ РЕ Скопје
Дипл. инг. агр. Ласта Миленковски
