Компанијата „Celtic Renewables“ со седиште во Единбург во соработка со дестилеријата „Tullibardine“ од Пертшир, разви процес на производство на биогориво направено од нуспроизводи од виски.
Со оглед на тоа дека само 10% од суровините во дестилериите се користат за правење виски, остануваат огромни количини отпад кој досега не се пренаменуваше за ништо.

Биобутанолот е модерно одржливо биогориво и може да стане директна замена за традиционално користените фосилни горива. Се добива од јачменово зрно со висок процент на шеќер кое се натопува во вода за да се поттикне процесот на ферментација неопходен за производство на виски и троп – течен остаток по ферментација кој содржи квасец и бакар.

Биогоривото што го произведуваат може да се користи за автомобили, може да ги замени нафтените производи кои се користат во боите за фарбање или во средствата за чистење, па дури и за производство на еколошки средства за дезинфекција на рацете.
-Ова е првпат во историјата автомобилите да користат биогориво направено од остатоци во производството на виски. Погодно беше да се направи овој чекор токму во Шкотска, која е позната во светот не само по своето славно виски, туку и затоа што е еден од европските центри за обновливи извори на енергија. „Celtic Renewables“ ја презедоа оваа иницијатива од истражувачки проект на Универзитетот во Единбург, затоа што верувавме дека може да стане многу профитабилен глобален бизнис, што ќе придонесе за развој на „зелениот“ сообраќај – изјави при започнувањето на проектот професорот Мартин Тангни, основач и извршен директор на „Celtic Renewables“.

Оваа дестилерија е една од општествено одговорните компании кои размислуваат за иднината, преку развој на обновливи извори на енергија, транспорт, но и иновации во шкотската индустрија за традиционално виски.

„Celtic Renewables“ планира годишно да рециклира по 50.000 тони отпад. Од тоа ќе се добиваат по 1 милион литри хемикалии со мала емисија на јаглерод диоксид. Тие се надеваат дека наскоро ќе можат својот бизнис да го скалираат на глобално ниво. Додаваат дека нивното гориво, биобутанол, може да се измеша со бензинот без да го оштети моторот на возилото. На тој начин ќе може да се намали емисијата на јаглерод диоксид од сообраќајот.
