Вистинско задоволство е кога некој ќе ви понуди домашен тврд кашкавал со чаша добро вино. Но, дали некогаш сте уживале во кашкавал кој „одлежало“ во вино и во неговиот неповторлив вкус?
Како настанал „пијаниот кашкавал“?
Селаните во регионот Венето биле постојано под закана дека ќе бидат ограбени од војниците што поминувале низ регионот. Кашкавалот го криеле во остатокот од мелењето на грозјето и кога потоа го ваделе забележиле дека има добиено вкус на грозје.

Може да се обидете и сами да си направите „пијан кашкавал“ така што ќе ставите парче кашкавал со 38 – 40% млечна маст да стои во вино 2-3 месеци. Во тој период менувајте го виното бидејќи кашкавалот го впива најдоброто од него, па обидете се состојките од виното секогаш да бидат на исто ниво.
Притоа е важно и кои вина ги користите – Каберне, Мерло или Сира или домашно црвено вино.
Најдобро е да се користи вино од регионот во кој се прави кашкавалот, бидејќи тоа е можност за заштита на самиот производ како производ со географско потекло.

Откога ќе се извади, кашкавалот се става на созревање, на дрвени полици, со задолжително вртење. Влажноста на просторијата се препорачува да биде 80%. По 5-6 месеци ќе имате нешто на што ретко кој ќе му одолее.

Комбинирајте видови кашкавал (кравји, овчи, козји) со различни вина – изберете ги најдобрите комбинации и започнете смело патување. Има сè повеќе винарии кои им служат квалитетни кашкавали на гостите со виното – зошто и вашите „пијани“ кашкавали да не бидат дел од понудата?
Во видеото погледнете како една италијанска фабрика прави „пијан кашкавал“.
