Во последната деценија владата на Шведска се соочува со проблем кој го нема ниту една друга држава, недостаток на смет.
Иако звучи неверојатно, но на Шведска и недостасува ѓубре, па е принудена да го увезува.
Швеѓаните своето ѓубре го користат многу паметно и го претвораат во енергија со која се греат или го користат како замена за фосилно гориво. На тој начин не само што штедат, туку и ја чуваат својата околина.
Кај Швеѓаните е сосема нормално да не се расфрлаат и да најдат начин да го искористат секој материјал што го фрлаат. Раздвојувањето и сортирањето на ѓубрето е вообичаена работа, а таква свест се развива уште кај децата во училиште. Дури постои и национален ден кога децата ширум земјата се собираат за да ја исчистат природата. Наставниците ги учат децата како предметите можат повторно да ги искористат, па дури и како да направат хартија од отпадот.
Во скандинавските земји ѓубрето се класификува во неколку категории како што се органски-кујнски отпад, производи од хартија, стакло и калај. Органскиот отпад се користи за производство на биомаса за автомобили и автобуси.
Со едукација на граѓаните за сортирање на ѓубрето Шведска започнала уште во 80-те години на минатиот век. Во 1975 година во Шведска се рециклирал 38%, а денес 99% од отпадот. Остатокот од 1% се закопува во депониите.
Шведската влада вовела напредни техники за собирање отпад, вклучувајќи автоматизиран вакуум систем во станбените блокови кои ѓубрето го праќаат директно во центрите за рециклажа преку мрежата на подземни цевководи.
Шведските постројки за палење на отпадот користат технологија која ја намалува емисијата на јаглероден диоксид, а граѓаните имаат целосен пристап до податоците за таквите постројки. Истото важи и за квалитетот на воздухот кој постојано се надгледува, а податоците им се достапни на сите.
Шведска веќе долго има систем за враќање на лименки и шишиња за што се добива одредена сума пари. Лименките на тој начин се собираат од 1984 година, а пластичните шишиња од 1994 година. Секоја година се собираат 1,8 милијарди шишиња и лименки кои во спротивно би завршиле на некоја депонија.
