Во приедорската населба Козарац, пчеларството „Јакуповиќ“ моментално брои 480 пчелни заедници на седум селидбени пчеларници – во текот на годината пчеларниците ги селат на разни места, бидејќи „пчелите поради паша мораат да патуваат на поголеми надморски височини“, пренесува Агросавјет.
„На работата со пчели го посветив скоро цел живот, а од пчеларството, како единствен извор на приходи, живеам од 2000 година. Нема формула како да се биде добар пчелар, важна е исклучиво љубовта кон овие важни и вредни инсекти и екосистемот – пчеларството е тешка физичка работа која бара големи одрекувања, труд и работа, а воедно и психотерапија“, вели пчеларот Сулејман Јакуповиќ.
Бројни производи се во понудата на пчеларство „Јакуповиќ“ – мед, восок, полен, прополис и производи на база на мед – сирупи од лековити растенија и мед и креми на база на прополис, восок и мед, но и еден производ не така карактеристичен за нашето поднебје. Сулејман е пионер во производство на пчелен отров – апитоксин во Босна и Херцеговина.
„Пчелниот отров со различни уреди го собирам 12 години. Значително го унапредив самиот процес на собирање, во однос на почетната точка во ова работа и работам на хуман начин, односно пчелите останувата живи и здрави и после испуштање на отровот“, објаснува пчеларот.
Самиот процес на собирање на овој најскапоцен производ на пчелите почнува кога покрај кошницата се поставува стаклена плоча поврзана со стимулатор кој произведува одредени фреквенции на струја кои ги иритираат пчелите и поради овој метод потребно е големо знаење за тоа колкав ќе бидат интервалот за стимулација и која ќе биде јачината на фреквенцијата.
„Пчелите поттикнати од одредени фреквенции ја боцкаат стаклената површина, односно испуштаат отров. Познато е дека пчелата после убодот угинува, но во овој случај инсектот ја боцка стаклената плоча, на неа останува само отровот, кој после сушењето се симнува од плочата во форма на бел прав, а пчелите преживуваат“, објаснува Сулејман и додава дека за еден грам отров, потребни се 90.000 убоди на пчелата во стимулаторот.
Вака добиениот пчелин отров се употребува за лечење на повеќе од 70 болести – некои од нив се мултиплекс склероза, ревматски артритис и заболувања на крвните садови, се користи за серуми против анафилактички шок односно корисен е за луѓето кои се алергични на убодот на пчелите, а има важна примена и во козметичката индустрија.
„Фала богу, купувачи за пчелин отров има, а цената зависи од самиот квалитет. Се движи од 35.000 до 70.000 американски долари по килограм, односно од 35 до 70 долари по грам“, вели Сулејман.
Сулејман, кој за пчеларството вели дека не е присутно во неговиот живот, туку „пчеларството е неговиот живот“, одлучен е во намерата со посветена работа да го одржи пчеларството и покрај фактите дека на ниво на БиХ нема закон за пчеларство, што на пчеларите многу им ја отежнува работата.
„Плановите за иднина се продолжување на рабоатата со пчели, но и продолжување со едукација на младите пчелари кои од година во година се повеќе. Во земјата и во странство одржав повеќе од 250 стручни предавања и среќен сум кога можам да ги пренесам стекнатите знаења – ако ги задржиме за себе не вредат ништо. Во БиХ и покрај сите проблеми и исселување на млади луѓе, пчеларството е една од ретките гранки во земјоделството која напредува – додава овој пчелар и заклучува дека пчелата е „Божјо чудо“.
„Ако пчелите исчезнат од планетета Земја, на човекот како вид му остануваат уште околу четири години живот. Без пчели нема опрашување, нема плодови, нема храна, нема ни луѓе“, предупреди своевремено големиот Алберт Ајнштајн.
