ОВЧАРСТВО
Особено внимание треба да се посвети на приплодните овци кои се во период на лактација. Оптоварувањето на организмот е големо и грижата треба да биде насочена кон правилна и урамнотежена исхрана, која ќе обезбеди зачувување на телесната состојба, добивање на повеќе млеко и нормален раст на волната. Главната количина на млеко од овците се добива напролет, кога сè уште се хранат на јаслите.
Првиот период на лактацијата трае околу 60 дена. Тој започнува по јагнењето.
Исхраната во првите денови по јагнење е од големо значење. Основен извор на хранливи материи и витамини во овој период е висококвалитетно сено.
Нискоквалитетна храна не треба да им се дава на објагнетите овци.
Дневно на овца треба да се обезбедат 1,5 – 2,0 килограми сено. Објагнетите овци се хранат и со концентрирана сточна храна од 0,4 – 0,6 килограми во зависност од млечноста. Во присуство на друг вид храна (тикви, моркови, компири и сл.) може да се вклучат во дажбите до 2-3 кг на ден. Правилната исхрана е од особено значење за растот,
развојот и идната продуктивност на јагнињата. Обично јагнињата за гоење се одбиваат на 40-45 дневна возраст и по постигнување на тежина од 10-12 кг. Оние кои се предвидени за обновување на стадото се одбиваат на 90-100 дневна возраст и тежина од 25 кг. Непосредно по одбивање од доењето јагнињата треба да се хранат со истата храна со која се хранат до одбивањето.
КОЗАРСТВО
Кога јарињата се одгледуваат заедно со мајките тие цицаат во секое време. Тоа често предизвикува повреда на вимето на козите. За да се избегне ова, по навршувањето на 15-дневна возраст може да се одделат јарињата и да се пуштаат по 3 пати дневно да цицаат. По втората недела може да им се даваат висококвалитетно сено и концентратни смеси. Растот на јарињата во првите месеци зависи исклучиво од млечноста на приплодните кози. Соодветна концентрирана храна за нив се: пченица, пченка, јачмен, трици. Сеното се дава по желба. Концентрираната сточна храна се зголемува постепено.
Извор: АПРЗ
