Дали ЕУ е во состојба да одвои пари од буџетот без да има врска со измама и корупција?
„Каде одат парите од ЕУ?“ е насловот на извештајот што го објави политичката група Зелени/ЕФА (Greens/EFA) на Европскиот парламент, која ја сочинуваат „зелените“ и независните авропарламентарци, по истражувањето за злоупотребите на земјоделските субвенции.
Бугарија, Чешка, Унгарија, Словачка и Романија се земјите за кои во сојузот сметаат дека се најпроблематични.
„Во последниве години сведоци сме на сè повеќе докази дека средствата на ЕУ во Централна и Источна Европа, особено субвенциите за земјоделие, претежно завршуваат во рацете на локалните олигарси поврзани со политички елити или големи (агро)конгломерати, наместо со нив да се помагаат малите и средни земјоделци“. Ова е првата реченица од документот во кои опишуваат случаи на судир на интереси, непотизам па дури и директна корупција и измама.
Тие истакнуваат дека ваквите настани ја доведува во прашање способноста на ЕУ да го распореди буџетот без да ризикува поврзаност со наведените измами, Но во исто време се поставува прашањето дали распределбата на средства на теренот им служи на целите кои сака да ги спроведе ЕУ, како што се заштитата на биодиверзитетот, борбата против климатските промени и сè она што опфаќа Зелениот план. Трето, тие веруваат дека оваа практика ја поткопува борбата во владеењето на правото.
Целта на извештајот била да открие кој има корист од земјата како ресурс и од субвенциите на ЕУ, колку големите и малите играчи на пазарот се рамноправни, каква е поврзаноста помеѓу фондовите на ЕУ и олигарсите и дали и како властите на тие земји ги спроведуваат постоечките правила и осигуруваат парите на даночните обврзници да бидат правилно распределени.
Корупција и олигархија во Бугарија
Бугарија, на пример, по влегувањето во ЕУ ги зголеми своите површини под пченица, пченка и сончоглед на штета на оние со поголема додадена вредно по што земјата порано беше позната. Со тоа се намали побарувачката на работна сила во руралните области што доведе до невработеност, миграција и депопулација во многу делови на земјата. Во меѓувреме огромни корпоративни структури добивале средства од фондовите на ЕУ во износ од неколку милиони евра што доведе до развој на олигархијата и уште поголема корупција.
Најголем играч е Светлозар Дичевски, сопственик на повеќе компании, кој во 2018 година добил 11,3 милиони евра преку директна исплата, што е детализирано во извештајот.
Минатата година, новинарката Валја Ахчиева открила дека една компанија лажирала органско одгледување соја. Набрзо се дознало и дека таму пасиштата и субвенциите се поделени врз основа на бројот на добиток во системот, без проверка на терен, на што се одлеваат милиони евра. Утврдени биле и неправилности со поддршката на проектот од Програмата за рурален развој, за што најчесто се виновни општините. А ова се само некои од случаите во таа земја.
Просечна големина на чешката фарма е 133 хектари?
Кога станува збор за Чешка, во таа земја има фарми со најголема просечна големина во Европската Унија -133 хектари, што е седум пати повеќе од соседна Австрија, која има просек од 19 хектари. Околу 4500 претпријатија „поседуваат“ (во сопственост или под закуп) 69 % од земјоделско земјиште, додека 25.000 семејни фарми користат 28 % од тоа земјиште. Интересно е и што просечната големина на семејните фарми е дури 39 хектари, далеку од просекот на ЕУ (16 хектари).
Соодветно на тоа, најмногу средства добиваат најголемите. На пример, „Агроферт“, конгломерат за земјоделство, храна и хемија во сопственост на актуелниот премиер, доби 63 милиони евра субвенции во 2019 година, од кои повеќето се поврзани со земјоделството. Меѓу најголемите се тајкуни, бивши ресорни министри и слични.
Унгарија: Нема земја за обични луѓе
Кога станува збор за Унгарија, претседателот Орбан и Министерството за земјоделство остро ги нападнаа Зелените/ЕФА по објавувањето на извештајот. Тие го нарекоа документот „цунами на лаги“ и возвратија со обвинувања поради, како што велат, „целосно непочитување на фактите“. Дури ги обвинија Зелените за напад на „европскиот земјоделски модел како целина“. „Секој што ќе го нападне унгарскиот модел на земјоделска помош, го напаѓа темелот на европскиот систем на земјоделски субвенции, кој во моментов ги фаворизира земјоделците“, се вели во соопштението на ресорното министерство.
Што во извештајот извлекле како проблематично? Тоа дека најголемиот дел од помошта на ЕУ доделена на унгарското земјоделство е во корелација со бројот на хектари од тој вид земја, но и со големината на портфолиото за добиток и непочитувањето на низа регулативи.
Во Министерството не сакаат ни да слушнат: „Унгарија има еден од најстрогите и најсофистицирани системи за следење на исплатата на земјоделските субвенции и тој редовно се прегледува од Европската комисија и Европскиот суд на ревизори“, се вели во соопштението, а се чини и дека се во право.
Имено, европратеничката Виола фон Крамон, член на Одборот за ревизија, за Еурактив изјави дека изјавата на владата „не е во спротивност со ниту една реченица од студијата“, но исто така и дека „повеќето средства од ЗПП доаѓаат во рацете на многу малку луѓе. Унгарското Министерство не поби ниту еден од тие факти“, рекла таа, додавајќи дека унгарската влада треба да се фокусира на формирање ЗПП што ќе работи за земјоделците таму, а не само за неколку сопственици на земјишта, владини политичари и членови на нивните семејства.
Словачка: Притисоци, уцени, насилство?
Кога станува збор за Словачка, работите таму одат толку далеку што во извештајот дури ги поврзува со убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница. Овој млад новинар (27) објави низа откритија на еден словачки портал во 2019 година за вмешаност на високи политички функционери во нелегално деловно работење со калабрискиот мафијашки клан „Ндрангета“, што вклучуваше милиони измами со европски земјоделски субвенции.
По неговата смрт, колегите новинари ја продолжиле истрагата. Притоа, дошле до информации дека помалите земјоделци се соочиле со големи административни притисоци, но и со уцени и насилство кога се обиделе да им се спротивстават на нивните „локални шерифи“. Во прикривањето на овие малверзации учествувала и полицијата, но и судовите, кои отворено суделе во корист на измамниците.
Романските земјоделци ги гуши бирократијата
Проблемот во Романија не е само тоа што субвенциите од ЕУ претежно одат кај големите сопственици на земјиште, во споредба со малите земјоделци, туку и тоа што земјиштето што е во сопственост на големите не е ни официјално попишано. За време на ова истражување, откриено е дека недостасуваат многу податоци, што го отежнува откривањето на тоа со колку средства учествувала земјата во фондовите на ЕУ.
Во разговор со земјоделците, истражувачите дошле до заклучок дека дури и средните економии немаат можност да пристапат до фондовите на ЕУ бидејќи едноставно немаат ресурси за борба против бирократијата. Или имаат пристап само до помали програми, што не им се исплати. Наместо тоа, одат на работа во странство каде што заработуваат пари за неколку години и инвестираат во земјата и во технологијата.
Ова се само делови од сложувалката што ја добија својата целосна форма во извештајот.
Модерен феудализам
Ова истражување за почеток „удри“ по најлошите. Кој знае кои земји ќе бидат на тапет во идните студии.
Сепак, треба да се потсетиме дека минатата година беше предложен закон до Европскиот парламент, со кој би се заштитиле малите и средни земјоделци од олигарсите и сопствениците на големи парцели кои ги продаваат своите производи на големо.
Како што во тоа време посочи предложувачот – Клубот на претставници на Европската народна партија (ЕПП), тоа би спречило користење на субвенциите што ги добиваат, а кои се наменети исклучиво за мали земјоделци.
Ваквата форма на постапување кон „малите“ се нарекува модерен феудализам, во кој „малите“ земјоделци всушност се кметови, а сопствениците на земја, големите компании, како феудалци, добиваат најмногу пари.
Во продолжение е прикачен оригиналниот извештај.
Извор: https://www.agroklub.com/
