Праската, исто како и сливата, кајсијата, црешата и вишната, порано почнува со вегетација и е почувствителна на зимски мразови во споредба со некои други овошки.
Главниот предуслов за крупни плодови е отворена и осветлена крошна, како и оптимален број едногодишни родни гранчиња.
Со резидба на праската може да се почне веќе во текот на февруари или март, пред да се отворат пупките. Во поголемите овоштарници, кастрењето се прави порано, а во помалите може да се направи и подоцна. Праската многу рано почнува со давање плод и во првите години на развој преку кастрењето треба да се потенцира растот на круната, пренесува agroklub.
Да се внимава родот да не отиде на врвот на крошната
Кога овошката почнува да дава плод, најголемо внимание треба да се посвети на бројот на едногодишни плодни гранчиња кои се оставаат за родот, како и на доволен број едногодишни, за замена. Родните гранки се долги 5 (мајски букети) до 30, па дури и до 50 сантиметри.
Најважно е крошната во текот на вегетацискиот период да биде осветлена и воздухот добро да струи, што е знак дека кастрењето е добро направено. Ако оваа агротехничка мерка е лоша или не се правела една година, праската родот го насочува кон врвовите на крошната, што доведува до „засенчување“ на долните плодни гранки, а со тоа и до нивно сушење.
Со режењето потребно е да се скрати стеблото на дофат на раката. Ќе ви се чини страшно ако исечете голем број гранки, но, тоа е добра мерка бидејќи искусните резачи тврдат дека најдобри резултати се постигнуваат ако на дрвото останат до 45 родни гранки.
Гранките што влегуваат внатре во крошната треба да се отстранат.
Поголемите резови премачкајте ги со восок или со мешавина од бакар и вар.
При кастрењето, треба да се внимава до основата да се исечат „водопиите“, кои многу ретко раѓаат.
Животниот век на праската, односно периодот кога најмногу раѓа е до 15 години, бидејќи често ја напаѓаат болести и штетници. Мумифицираните плодови што остануваат на стеблото се најголемите преносители на болеста, поради што тие исто така мора да се отстранат од крошната и да се изнесат од овоштарниците.
