Невенот е растение кое, покрај тоа што претставува вистински украс во секоја градина, има и бројни лековити својства, кои вклучуваат олеснување на проблемите со дигестивниот систем, како што се болки во стомакот, воспаление на дебелото црево и болести на жолчното ќесе. Тој е исто така ефикасен и за кожата, ги намалува изгорениците и раните и има широка примена во козметичката индустрија.
Бројни активисти кои се борат за зачувување на пчелите ја истакнуваат важноста на невенот како медоносно рaстение затоа што дава и нектар и полен. Поради своите антиоксидантни својства, позитивно влијае на здравјето на овие вредни инсекти.
Доколку сте решиле да ја украсите вашата градина или можеби вашата тераса со ова украсно растение, ви ги претставуваме сите услови што ги бара ова едногодишно, a поретко и двегодишно растение. Невенот најчесто се сее од семе во месец март.
Земјиште и ѓубрење
Кога станува збор за квалитетот на почвата, за невенот не се потребни посебни услови, но за да добиете растенија со кои ќе бидете горди, сепак е потребно да се земе предвид овој фактор.
Најдобро би било да му се обезбеди средно-лесна почва со умерено количество хранливи материи и потребно е да се избегнуваат премногу влажни почви.
Невенот добро се вклопува во плодоредот, а најсоодветни претходни култури се едногодишните мешунки како што се грав или грашок.
Подготовката на почвата за одгледување на ова растение, чие стебло расте од 40 до 70 сантиметри, вклучува орање на почвата наесен и израмнување напролет. Со ова се обезбедува подобро никнување на семето на невенот.
Семето се сее на длабочина од три сантиметри и ако се исполнети сите оптимални услови, може да никне за пет дена.
Важно е да се обрне внимание и да не се претерува со ѓубриво, особено со азотното, бидејќи тоа предизвикува послаба цветност.
Климатски услови и топлина
Невенот бара голема количина светлина, неговите цветови се вртат кон изворот на светлина – сонцето. Затоа треба да му се обезбеди положба каде што ќе има доволно сончева светлина.
Кога станува збор за климата, невенот успева во области со умерено влажна и топла клима. Му одговара топлото време и може многу лесно да поднесе суша.
Оптималната температура за сеидба на ова растение е помеѓу 13 и 16 степени.
Извор: Агромедиа.рс
