Оваа година еден милион хектари обработливо земјиште ќе се насеат со пченка во Србија, а близу 600.000 хектари се под пченица, рече директорката на Здружението Жито Србија, Сунчица Савовиќ.
Таа за Танјуг прецизираше дека според Здружението, во есента биле засеани околу 595 000 хектари пченица, што е за 25 000 хектари повеќе отколку во претходната производна година, околу 80 000 хектари под зимски јачмен, односно нешто помалку од лани, и 27 100 хектари под маслодајна репка. и тоа е за 4% повеќе од претходната производна година.
- Зимските култури генерално се во добра состојба. Мразот остави трага на полињата под пченица и маслодајна репка, но посевите се опоравуваат поради поволните временски услови после тоа – рече Савовиќ.
Таа додаде дека последните години земјоделците ги зголемија површините на кои сеат пченка. - Во последните три години се забележува евидентно зголемување на површините под пченка, кои достигнаа околу еден милион хектари од околу 900 000 хектари, а очекуваме дека и годинава толку ќе се посее. Очекуваме и сеидба на соја на 240.000 до 250.000 хектари, како и пролетен јачмен на околу 30.000 хектари, и сончоглед на 200.000 до 220.000 хектари – рече Савовиќ.
Таа посочи дека потпишувањето на договорот со Кина за извоз на пченка е добра вест за домашните производители. - Морам да ја напоменам добрата соработка со Министерството за земјоделство, благодарение на чии напори и работа беше склучен договорот, но и големата поддршка на Светската програма за храна на Обединетите нации за отворање нови пазари за сите српски земјоделски производи – додаде директорката на Жито Србија.
Таа процени дека Србија нема многу простор за зголемување на количината на пченка, но може да произведе повеќе пченица. - Србија е меѓу најголемите производители на пченка во светот со просечен принос од околу осум тони по хектар, а поголеми приноси од нас имаат само оние производители кои сеат генетски модифицирани култури. Во однос на производството на пченица, ние заостануваме зад некои други земји, но резултатите стануваат се подобри заради подобра примена на агротехничките мерки и во таа смисла е можно да се зголеми приносот на пченица – рече Савовиќ.
Таа оцени дека отворањето на кој било нов пазар е добредојдено, бидејќи тоа може да има ефект на зголемување на продуктивноста и повисоко производство.
Извор: Инфо Тим Логистика
