Минатата година ќе остане запаметена како многу успешна и за производителите на сончоглед во Србија, кои остварија одлични извозни резултати и на меѓународниот пазар пласираа стока во вредност од 56,8 милиони евра.
Србија во 2020 година реализирала извоз на земјоделско- прехранбени производи во вредност од 4,1 милијарди долари, што претставува рекорден раст од 14,4%, а надворешно трговскиот суфицит бил поголем за 20,5%. Во 2020 година од Србија се извезени 145.447 тони сончоглед, а вредноста на извозот на оваа култура била дури за 13 пати поголема отколку во 2010 година.
Минатата година во Србија се произведени 637.000 тони сончоглед, што е за 200.000 тони повеќе отколку во 2015 година.
Конкуренцијата на пазарот за сончоглед во 2020 година била многу остра и како и во случајот со сите останати стоки од земјоделскиот сектор, постоела зголемена побарувачка како последица на пандемијата на коронавирусот. Меѓутоа српските производители на сончоглед успеале да се позиционираат и добро да заработат благодарение пред сè на квалитетот на својата стока и конкурентните количини. Трендот што го следи сончогледот последователно се одразува и на цената на маслото.
Појавата на купувачи од БиХ, Северна Македонија, Бугарија, Унгарија и Германија во самата жетва влијаело и на откупната цена на сончогледот, која се движела во ниво од 33 – 35 дин/кг на средината на август, односно на почетокот на жетвата.
Според најновите информации, сончогледот веќе се договара по цена од 45 до 47 дин/кг.
Извор: agropress.org.rs
