Министерството за земјоделство на САД (USDA) проценува дека глобалното производство на јаболка во периодот 2020/21 година забележа пад од четири проценти и изнесува 76,1 милиони тони, наспроти произведени 79,4 милиони тони во претходната сезона.
Како главни причини ги наведуваат пролетните мразови и студеното време за време на сезоната на цветање во главните производствени региони.
Кина игра водечка улога во глобалната трговија со ова овошје. Но, исто така и таму се очекува пад на производството од 42 на 40 милиони тони, или за околу пет проценти. Оваа земја, најголемиот дел од јаболката ги извезува во земјите од Југоисточна Азија, како што се Тајланд, Бангладеш, Индонезија и Виетнам.
На западниот брег на САД, овоштарите се соочија со недостиг на работна сила, проблеми со синџирот на снабдување заради пандемијата на коронарниот вирус и неповолни временски услови. Невремето во овоштарниците во Вашингтон и сериозните оштетувања од мраз во делови на државата Мичиген ги намалија очекувањата, а според USDA се предвидува пад од три проценти.
Според нив, производството на чилеански јаболка ќе се зголеми за 46.000 тони и ќе достигне 1,2 милиони тони бидејќи се очекуваат обилни дождови, што ќе ги подобрат приносите.
Производството во Мексико, според нив, опаднало за 80 000 тони, и изнесува 680 000 тони поради неповолните временски услови, додека во Нов Зеланд годинава се очекува реколта од 583 000 тони. Но, таму сè уште е неизвесно поради пандемијата и достапноста на работната сила која врши кастрење, и ретчење на дрвјата како и берба на плодовите.
Понатаму, се очекува пад на руското производство за 240 000 тони, односно вкупното производство ќе дстигне 1,5 милиони тони. Сепак, тоа продолжува да се зголемува затоа што русите засадија дополнителни површини. Во исто време, тие ги отстрануваат старите дрвја и ги заменуваат со нови.
USDA исто така предвидува дека производството во ЕУ ќе порасне приближно за пет проценти и ќе достигне 12,2 милиони тони. Позитивната прогноза, посочуваат тие, е резултат на закрепнувањето во Полска како водечки регион во одгледувањето јаболка во рамките на Унијата, иако и таму годината беше тешка за овој сектор. Мраз, град, недостигот на работна сила како резултат на пандемијата и сушата создадоа големи проблеми.
Во Србија, јаболката се одгледува на околу 28.000 хектари, а годишното производство, во зависност од временските услови и применетите земјоделски техники, е околу 500.000 тони, но минатата година падна за 10 проценти. По неколкумесечна стагнација на извозот, Србија извезе 56.000 тони јаболка по просечна цена од 0,73 евра само во првите три месеци од 2020 година.
Извор: Агроклуб
