Како што вели за МИА претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, Горан Малишиќ, мелничарите моментно работат со преполовен капацитет.
Поскапувања на лебот и пецивата досега немаше, но како ќе биде понатаму, дали ќе има евентуално некакви промени, не може да се каже со сигурост.
– Од 70 млинови во земјава, работат само девет. Но, тие девет, ако лани работеле со 35 – 50 од капацитетите, сега работат со максимум 20 проценти. Не само поради нелојалната конкуренција од Србија која никако да се регулира со години, односно да се почитуваат законите и правилниците од страна на релевантните институции, туку и поради намалената потрошувачка на брашно. Пред КОВИД-от дневно 200.000 ученици и студенти одеа во школо и на факултет, плус 100.000 наставници и професори, дополнително и помошен персонал или вкупно околу 500.000 луѓе. Сите тие се хранеа со буреци, сендвичи, пецива, пици,… Таа потрошувачка денеска е преполовена, сведена на 50 отсто, објаснува Малишиќ.
Групацијата на мелничари досега неколку пати имала средби со владини претставници на кои го изнеле свото барање за субвенции.
– Три пати досега бевме кај министерот за земјоделството, еднаш кај вицепремиерот, а по божиќните празници треба да одиме и кај премиерот Заев. Бараме за 2020 година и редовно секоја година да бидеме субвенционирани зашто во спротивно, сме готови, а индиректно ќе изумре и домашната пченица која е заштитена со закон како најважна полјоделска култура за прехрана на населението во вакви светски кризни состојби, истакнува Малишиќ.
МИА
