За 2021 година обезбедени се вкупно 182,9 милиони евра, за промоција на земјоделско-прехранбени производи во ЕУ, но и надвор од Унијата, објави Европската комисија.
Оваа програма за промоција става посебен фокус на производите и методите кои ги поддржуваат целите на Европскиот зелен план, односно кои даваат предност на органското производство на овошје и зеленчук и одржливото земјоделство.
Концептот е дизајниран со цел да ја зголеми конкурентноста на секторот преку искористување на придобивките од проширувањето на светските пазари и подигање на свеста за високите стандарди што се користат во земјоделството во ЕУ, вклучувајќи го и квалитетот и одржливоста.
Новата рамка за политиката на унапредување ќе биде поставена следната година,односно онака како што е предвидено во стратегијата „Од поле до трпеза“, се вели во соопштението.
За европските стандарди треба да знае целиот свет
„Европското земјоделство се наоѓа на раскрсница. Неговите стандарди за квалитет и безбедност се познати низ целиот свет. Потребно е да се стави посилен фокус на одржливоста“, рече комесарот за земјоделство и рурален развој Јануш Војчеевски.
Тој објасни дека тоа ќе биде, клучна алатка за унапредување на одржливоста во согласност со амбициите на Зелениот договор. Одржливото земјоделство ги покажа придобивките за земјоделците бидејќи обезбедува додадена вредност на нивните производи.
Скоро половина од буџетот, односно 86 милиони евра, ќе бидат насочени кон кампањи во согласност со амбициите на Европскиот зелен план, а особено во согласност со стратегијата „Од поле до трпеза“. Ова вклучува информирање на европските и глобалните потрошувачи за органското, одржливо земјоделство и улогата на земјоделско-прехранбениот сектор во однос на климатските активности и животната средина.
Кампањи насочени кон пазари со висок раст, надвор од ЕУ
Избраните кампањи ќе бидат насочени кон подигнување на свеста за овој начин на производство на храна и зголемување на препознавањето на еко-ознаката. Понатаму, во рамките на ЕУ, тие ќе бидат финансирани за промовирање на здрава и урамнотежена исхрана преку зголемување на потрошувачката на свежо овошје и зеленчук.
Следниот чекор ќе биде истакнување на високите стандарди на безбедност и квалитет, како и разновидноста и традиционалните аспекти на земјоделско-прехранбените производи на Унијата. Ова вклучува промовирање на шеми за квалитет како што се географските ознаки.
Во однос на кампањите надвор од ЕУ, приоритетни ќе бидат пазарите со висок потенцијал за раст, како што се Јапонија, Јужна Кореја, Канада и Мексико. Се очекува дека ќе се подобри конкурентноста и потрошувачката на овие производи и ќе се зголеми нивниот удел на пазарот.
Повиците за претстојните кампањи ќе бидат објавени на почетокот на 2021 година. Голем број на организации на производители и трговци , како и земјоделско-прехранбени здруженија одговорни за промотивни активности, ќе можат да аплицираат за финансирање и да ги достават своите предлог проекти.
Проектите ќе бидат оценувани во однос на климатските цели и целите на животната средина на ЗЗП, Европскиот зелен договор и Стратегијата од „поле до трпеза“, а одржливоста на производството и потрошувачката, исто така ќе бидат земени во предвид.
Извор: Агроклуб
