„Ништо не фрламе – зеленчукот што не го користиме му го даваме на животните, а од нив добиваме арско ѓубриво, така да се е поврзано. Тука има многу работа, но најважна е волјата и љубовта кон земјоделството. Ако се организираме добро, нема да има никакви проблеми “, раскажува 33-годишната Наталија Шуњиќ-Гиздиќ од Хрватска.
Сакала да студира агрономија но дипломирала економија
Таа вели дека со земјоделство се занимава уште од дете. Нејзиниот татко секогаш работел на нивната земјата во Клис, од каде што се по потекло и одгледувал овошје и зеленчук за потребите на семејството. Вишокот го продавал за да го подобри домашниот буџет и често пати на пазар со себе ја водел и неа. „Прв пат бев на тезгадата каде што татко ми продаваше, кога имав само пет години“, се сеќава Наталија на среќното детство, кога ги стекнала и своите работни навики.„ Ја засакав земјата и природата па дури имав и своја мала градина каде што го засадував расадот што му остануваше на татко ми“ – вели Наталија и додава дека таа и нејзиниот брат така научиле кој зеленчук како да го одгледуваат.
Наталија сакала да се запише на земјоделски факултет, но нејзините родители не можеле да си го дозволат тоа. Покрај тоа, тие не биле воодушевени од нејзината идеја, па затоа се запишала на Економскиот факултет во Сплит, кој го завршила во рекордно време. „После факултетот, имав проблем со вработувањето. Работев кратко во Општината, но немав кој да ме поттурне, па затоа решив да го затворам тоа поглавје од мојот живот и да го работам она што го сакам. Денес, го комбинирам знаењето од економијата со работата во земјоделството и можам да кажам дека тоа е добитна комбинација, односно рецепт за мојот успех “, вели Наталија, која пред две години основа и семејно земјоделско стопанство.

Главно се занимаваат со одгледување зеленчук, но имаат и овошни насади. Во моментов се во фаза на расчистување на обраснатите парцели каде планираат да садат бадеми и ореви, а ќе пробаат да одгледуваат и лешници. Имаат и некои животни како на пример, три крави, зајаци и неколку кокошки. Се надеваат дека наскоро ќе го завршат објектот за живина, бидејќи сакаат да ја прошират и со тоа да ја заокружат својата приказна за земјоделството.
Чекори со крената глава
Наталија имала тежок пат, но не се откажала од својата цел. „Сите ми велеа дека нема живот од земјоделството и дека ќе се разболам млада. Ме прашаа зошто се мачев на факултет со години, и ми велеа да барам работа на струката и да бидам госпоѓа, но јас не се откажав. Како да е најголемиот срам на овој свет да се работи на нива !? Дури и младите жени од селото се чудеа затоа што немав време за кафе и чај “, раскажува таа. Наталија ги имала своите идеи и се разликувала од другите. Нејзиниот немирен дух, истрајност, силна волја и трудољубивост на сите им изгледале невообичаени.

“Денес, сите сакаат нешто без работа и без мака и во најкус можен рок да заработат што е можно повеќе пари, а за начините за да се постигне тоа подобро и да не зборуваме. Младите немаат работни навики, немаат знаење и тотално е виновен нивниот пристап кон селото и земјата. Позната е изреката „учи да не работиш“ што е сосема погрешно затоа што нема пари без пот “, раскажува Наталија и вели дека спие мирно и може да ги погледне сите во очи и да оди по улицата со крената глава.
Секоја сабота продава на тезгата во Сплит
За да не мора да бара џепарлак од нејзините родители, почнала да оди на пазар за да го продаде она што го наоѓала во природата: аспарагус и полски цвеќиња. Посериозно започнала да се занимава со земјоделство на 25 години, садела зеленчук сама и за брзо го повлекла и нејзиниот брат, а подоцна и нејзиниот сопруг. „Со стапувањето во брак, дојдов до повеќе земја, но и машини, бидејќи семејството на мојот сопруг се занимаваше со сточарство“, вели таа. Но, парцелите требаше да се расчистат, се бореле со коровот но и со шверцерите на пазарот.

Оваа ситуација со вирусот и помогнала многу, бидејќи многу луѓе купуваа преку Интернет. „Сега е малку помирно, но купувачите останаа, што сметаме дека е потврда за квалитетот на нашите производи“, посочува Наталија. Но предупредува дека пазарот не е регулиран и дека владее принципот „направи сам“, а не треба да биде така.

Земјоделството е професија на иднинта
Наталија смета дека во иднина ќе биде сè потешко да се одгледува храна со оглед на температурните разлики, но вели дека земјоделството е професија на иднината бидејќи растат потребите на пазарот. „И така, нека не се плашат младите, нека се вратат на село, во природа и чистиот воздух, нека ги засукаат ракавите и нека ги обноват нивите што ги наследиле. Ако ништо друго, нека засадат барем за свои потреби, за да знаат што јадат, и ќе ги научат децата дека компирите не растат на дрво“, вели таа, додавајќи дека земјата треба да се сака и дека на земјата и требаат работници. Тоа е работа што се работи 24 часа, се работи и на сонце и на дожд, а понекогаш и на снег.


Посигурно е да се одгледуваат различни култури
Напредуваат чекор по чекор, бидејќи најголемиот дел од заработката оди на основни животни потреби, но успеваат да заштедат пари и да инвестираат во проширување. Секое придвижување напред ги прави многу среќни бидејќи за тоа се одговорни нивните вредни раце. Важно е, вели таа, да се произведува разновидна храна, бидејќи така купувачот има поголем избор кај еден продавач. И климата е нарушена, па затоа не е паметно да се инвестира само во една култура. Точно, тешко е да се одгледуваат различни култури затоа што секоја бара различен пристап и понекогаш тоа ја полудува.

Не е срамота да се работи на нива, повторува Наталија, и вели дека е многу важно да се промени свеста на луѓето. Таа би сакала младите да бидат мотивирани и охрабрени за да можат да се вратат на нивите. „Сè уште се мисли дека на нива работат само оние кои немаат образование затоа што немаат избор, но тоа навистина не е така“, вели таа. Предлага на луѓето кои живеат во градовите да им се стават на рсполагање повеќе обработливи површини со цел и тие да се занимаваат со земјоделство, а на децета во училиштата треба да им се направи поблиска, работата на нива. Нека стекнат работни навики и нека научат да одгледуваат храна бидејќи тоа е основата на сè.

Полињата се запоставени, многу луѓе никогаш не биле на нивната земја, а Наталија не може да разбере такво нешто. „Изненадена сум што не сакаат ништо да одгледуваат барем за себе, па плаќаат скапа храна што не е квалитетна. Имено, оваа пандемија покажа каков проблем би имале со набавката на храна поради затворањето на границите. Зарем тоа не е премногу жално за земја што нуди толку многу можности? вели таа, ставајќи акцент на најважното во сето ова.
Извор: Агроклуб
