– Во рамки на Глобалната недела на претприемништво денеска ќе се одржи онлајн конференција „Жените лидерки во бизнисот – Трансформација на бизнисот и животот“.
На конференцијата, што ја организираат Здружението на бизнис жени и Women In Tech Macedonia, успешни жени-претприемачи ќе ги споделат своите претприемачки приказни, можностите за основање свој бизнис, како и предизвиците со кои се соочиле, посебно во време на светска пандемија.
Презентирани ќе бидат и најновите македонски стартапи кои моментално се актуелни, како на македонската, така и на светската стартап сцена. Во организацијата на „Стартап Македонија“ пред три дена почна Глобалната недела на претприемништво.
Овој глобален настан става акцент на претприемништвото низ 180 земји во светот и ги инспирира и охрабрува луѓето да влезат во светот на претприемништвото, да бидат иноватори и да ги реализираат своите бизнис идеи.
Глобалната недела на претприемништво годинава носи повеќе од 120 говорници од 54 партнери.
МИА
