Земјоделците – возачи на трактори од кумановското село Табановце, добиваат рефлексивни налепници со кои ќе бидат повидливи на патиштата за останатите учесници во сообраќајот, а со тоа и побезбедни. Активностите се реализираат во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишттата, општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и отсекот за превенција од СВР Куманово.
– Досега налепници поделивме на земјоделците – возачи на трактори од селата Умин Дол и Табановце. Наредните денови продолжуваме во руралните средини за безбедно учество на земјоделската механизација на патиштата. Возачите на трактор се меѓу најранливите во сообраќајот. Апелираме до останатите учесници да ги почитуваат правилата, да имаат повеќе трпение за возачите на трактор кои ги користат регионалните патни правци за движење до нивите. Исто така апелиравме до возачите на трактор, особено да внимаваат на правилата и прописите, за нивна и безбедност на останатите учесници во сообраќајот – вели секретарот на општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, Бојан Петковски.
Полицијата и припадниците на советот за безбедност во сообраќајот одржуваат кратки едукативни предавања за безбедно учество во сообраќајот на трактористите во руралните подрачја во Кумановско.
– Механизацијата мора да е во исправна состојба, а возачите да внимаваат при вклучување од нивите на патиштата. Земјоделците се свесни за застојот што го предизвикуваат во сообраќајот и велат дека секогаш кога е можно оставаат доволно простор безбедно за безбедно престигнување – нагласуваат оттаму.
МИА
