Август е неверојатен месец за зеленчуковата градина. Летните култури нè преплавуваат со својот богат род, а ние сè уште можеме да садиме и други видови на зеленчуци. Многу зеленчуци можат да се садат кон крајот на летото, а ние ви даваме информации за првите пет, со кои ќе постигнете одлични резултати.
Моркови
Морковите во вашата градина можете да ги садите на секои три недели. Совршено време да се започне со садење е крајот на јули и почетокот на август, што на семето му дава најдобра шанса да даде богат род на есен. Сепак, имајте на ум дека ако ги оставите во земјата, ќе преовладува нивната двегодишна природа. Врвовите ќе цветаат, а семе ќе произведат дури следната година.

Семето од морковите посадете го на растојание од околу 8-10 см. Не заборавајте редовно да ги копате и да ги наводнувате, а не заборавајте да вклучите и прихрана.
Брокули

Брокулата може да се сади околу 85 дена пред првиот есенски мраз. Погледнете кога во последните неколку години се појавувал првиот мраз во вашата област (сигурно има податоци за тоа на Интернет), и тоа ќе ви помогне временски да се ориентирате. Ако не сте сигурни, средината и крајот на август е временски период за кој сигурно нема да згрешите.
Три недели по садењето на брокулите задолжително треба да ги прихраните и да ја одржувате влажноста на почватa. Кога наводнувате, направете го тоа во близина на коренот, односно внимавајте круните на растението да останат суви.
Спанаќ

Ако садите спанаќ кон крајот на летото, побарајте место со многу сонце или шарена сенка. Ако почвата е доволно ладна, првата половина на август е одлично време да се засади спанаќ за да се постигне есенска берба. Задолжително проверете дали почвата има добра дренажа.
Доколку сакате да имате пролетен спанаќ и следната година, прилагодете го садењето за крајот на август до почетокот на септември и не заборавајте да ги заштитите младите растенија од зимскиот мраз.
Ротквици

Семето од ротквици засадете го на место во градината каде што има сонце. Водете сметка дека почвата треба да биде растресита, да има добра дренажа и да биде постојано влажна, односно да не се фати кора на површината.
Ротвиците можете да ги садите сукцесивно на секои две недели.
Кромид

Кромидот е прилично издржлив кога станува збор за постудено време, што го прави совршен за садење кон крајот на летото. Почвата треба да биде растресита, добро дренирана и богата со азот.
Редовно користете ѓубриво, така што кромидот ќе биде редовно прихранет,а престанете да додавате ѓубрива кога главиците ќе почнат да излегуваат од земјата. Обрнете внимание на наводнувањето, особено за време на сушниот период, бидејќи тоа ќе го направи кромидот здрав и убаво ќе напредува.
Извор: Агросавјет
