Оваа година во црногорското земјоделство најголем проблем е недостигот на сезонски работници за берба на трпезно и винско грозје, пишуваат подгорички Вијести.
Весникот наведува дека за берба на винското грозје, компанијата „Плантажа“ – ќе ангажира механизација, но и покрај тоа потребни се уште 700 сезонски работници, поради што од тоа претпријатие апелираат до невработените да им се јават.
Од компанијата истакнуваат дека, недостигот на работна сила е повеќегодишен проблем но најизразен е оваа година, поради епидемијата на корона вирусот.
Претходните години за бербата на грозје ангажирани се главно сезонски работници од Македонија, Босна и Херцеговина и Србија, но поради епидемијата, тоа засега е невозможно.
Бербата на винско грозје започнува во средината на август, а минатата недела почна бербата на трпезните сорти.
Од компанијата „Плантажа“ наведуваат дека имаат некои контакти со групи работници од Македонија, Србија и БиХ и се надеваат дека ако ситуацијата со корона вирусот се поправи, до средината на август ќе почнат да пристигнуваат и тие групи.
Извор: ekapija
