Винарија Душа од Волково официјално ги отвори вратите за посетители, ставајќи ги македонските вински сорти и дегустациското искуство во центарот на својата понуда. Посетителите можат да изберат меѓу неколку вински искуства, од кои едно е посветено токму на сортите Смедеревка, Темјаника, Станушина и Вранец. Секое искуство вклучува водена тура низ винаријата, запознавање со процесот на производство и дегустација на четири вина: белото куве Ведрина, розето Зора, ароматичната Темјаника и новото црвено вино на Душа, Допир, придружени со мезе даска или автентични македонски специјалитети.
Основата на она што гостите го пробуваат во чашата потекнува од лозарското земјиште на Душа во Ресава, во срцето на Тиквеш, каде што најголемиот дел од насадите се речиси 50-годишни лози Темјаника што даваат приноси со концентрирано грозје со карактер. Покрај насадите во Тиквеш, дел од старото лозје и денес раѓа во самиот двор на винаријата во Волково. Таа земја со генерации му припаѓа на семејството на сопствениците. Првично ја купил прадедото на сопственикот со пари заработени градејќи железнички пруги во Америка и на неа засадил лозје, а откако имотот со текот на времето бил поделен меѓу наследниците, правнукот Небојша, кој исто така изградил кариера во Америка, децении подоцна почнал повторно да ги откупува и обединува парцелите.
Зад винаријата, основана во 2023 година, стојат Небојша и Емилија Димиќ, брачен пар македонски електроинженери кои живеат во САД и своите кариери ги граделе во ИТ-индустријата. Нивната љубов кон виното прераснала во студии по енологија во Сиетл, а стекнатото знаење сега го применуваат во секое вино на Душа. „Во Душа се спојуваат две навидум различни работи: инженерската прецизност и креативноста што ја бара виното. Анализата и современата технологија ни се важни, но исто толку ни се важни интуицијата и почитта кон традицијата. Сакаме гостите тоа да го видат и вкусат од прва рака, од лозата до чашата“, вели Небојша Димиќ.
Винаријата се наоѓа на 10 километри од центарот на Скопје и на само пет минути возење од обиколницата. Посетите и дегустациите се организираат со резервација, а просторот е на располагање и за приватни настани, прослави, тимски дружења и деловни средби, со можност за прилагодување на пакетите и капацитет за помали групи до 12 луѓе и поголеми групи до 50 луѓе. За Емилија Димиќ виното е повод луѓето да се соберат, да разговараат и да создадат спомени, па токму затоа сакале Душа да биде место близу до градот, а сепак доволно далеку од секојдневието.

