Откупот на тутунот во земјава се одвива непречено и нема никакви проблеми, ниту забелешки, информираат од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија. Од 10, веќе осум откупни фирми го преземаат родот по цена од 435 денари за килограм, што значи квалитетниот род се цени во прва класа. Од 17 ноември, кога почна откупот досега се преземени околу 1 300 тони тутун.

-Нема никакви проблеми во текот на откупната кампања на тутунот. Веќе осум фирми го преземаат родот од производителите, а уште две фирми „Сокотаб“ и „Пашоски“, пунктовите ќе ги отворат до крајот на месецов. Да потсетиме, крајниот рок за почеток на откупот е 15 декември, но речиси сите компании ги отвораат пунктовите во предвремениот период. Се откупува во прва класа по 435 денари за килограм поради високиот квалитет на родот, одбитоци од 3 проценти има само на долните берби. Од 324 откупни пункта во земјава, се отворени 120 – вели Кире Ристски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.
До поверениците на вагите на откупните пунктови нема забелешки, ниту на оспорување на откупениот род.
-Деновиве во Министерството за земјоделство имавме состанок и е договорено субвенциите да се исплаќаат според предадените, а не според договорените количества тутун, што е добро за производителите – објасни Ристески.
Прилепскиот тутунски комбинат од стартот ги отвори сите 34 откупни пункта во земјава. Нема проблеми, ниту застој во исплатата на откупените количества тутун. Годинашнава реколта се оценува на околу 26 000 тони, иако 10-те откупни фирми договорија поголеми количества.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најави субвенциите да се зголемат за 10 денари, за сметка на изоставувањето на зелената нафта. Значи, наместо досегашните 80 денари, да се плаќаат сувенции по 90 денари за килограм. Сѐ уште не се знае дали тоа ќе важи од оваа година.
МИА

