Здружението „АРНО“ и скопскиот центар за поправки „Ништо ново“ и оваа година, по втор пат, се приклучуваат кон глобалното движење Circular Monday, кое одбележува десет години од своето постоење. Минатогодишниот Црн петок (Black Friday) и Сајбер неделата (Cyber Week) достигнаа историски врв, при што светската продажба достигна рекордни 336,6 милијарди долари. Додека Црниот петок соборува нови рекорди од година во година, овој ден — понеделникот пред Црн петок — ги повикува луѓето да погледнат подалеку од етикетата со цена и да ја вратат вистинската смисла на зборот „вредност“.
„Подобра зделка не треба да значи само поевтина. Поправен телефон, половно сако, дупчалка позајмена за едно попладне: ниту една од овие работи не е компромис, туку секоја од нив е паметен избор“, вели Александра Давидсон, соосновачка и глобална лидерка на Circular Monday. „Ти одлучуваш колку нешто вреди — не трговецот со својот календар за попусти. На тоа мислиме кога велиме: вратете ја вредноста во свои раце (put the U back in value).“

Основано во Шведска во 2017 година како позитивен пандан на Црниот петок, Circular Monday прерасна во независно светско движење кое опфаќа 60 земји, поврзувајќи волонтери, брендови и креатори на промени кои застапуваат поправки, повторна употреба и внимателна потрошувачка. Само во 2025 година, кампањата достигна 108 милиони луѓе во 58 земји, без платено рекламирање.
Преку локалните активности за поддршка на зелени социјални бизниси и преку центарот за поправки „Ништо ново“ кој промовира практики како поправки, размена, позајмување и библиотека на предмети, АРНО продолжува да ги инспирира промените во секојдневието.

„Оваа кампања не проповеда како не треба, туку покажува како може — подобро е милиони луѓе да прават мали, свесни избори отколку неколку стотици да живеат совршен одржлив живот. Затоа ги носиме во наративот и импакт-претпријатијата, вклучително и македонските циркуларни бизниси и зелени социјални претпријатија. Ние веруваме дека можеме да купуваме и користиме производи и услуги од претпријатија кои прават добро за животната средина и заедниците. Преку проектот „Инвестираме во промени“ токму ним ќе им нудиме поддршка, а преку нов ИПА проект ќе имаме работилници за поправки и едукативни настани“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Повеќе информации за глобалната иницијатива и начините за вклучување можат да се најдат на официјалната веб-страница circularmonday.com, како и на каналите на социјалните мрежи на АРНО и центарот „Ништо ново“.

